Германски дипломат отпатува во Иран за да ги смири тензиите

23.05.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Германски дипломат отпатува во Иран за да ги смири тензиите

Висок германски дипломат во четвртокот беше во Техеран за да се сретне со ирански официјални претставници со цел зачувување на Иранскиот нуклеарен договор од 2015 година и смирување на тензиите во регионот, изјави германски дипломатски извор.

Јенс Плотнер, политички директор во Министерството за надворешни работи, планира да се состане со иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Абас Арагчи, како и други официјални лица за време на неговата посета, соопшти германскиот извор.

Велика Британија, Франција и Германија, кои го потпишаа договорот во 2015 година заедно со САД, Кина и Русија, се решени да покажат дека можат да компензираат за минатогодишното повлекување на САД од договорот, да ја заштитат трговијата и да го одвратат Техеран од откажување од договорот чија цел е да ја спречи земјата да не развива нуклеарно оружје.

Исто така, САД неодамна наметнаа нови санкции врз Иранската економија, а како одговор на тоа Иран најави дека се откажува од дел од обврските пропишани со нуклеарниот договор, вжештувајќи ги дополнително постоечките тензии меѓу двете земји.

„Во центарот на посетата на политичкиот директор е зачувувањето на нуклеарниот договор во Виена“, изјави германскиот дипломатски извор за Ројтерс.

Во средата официјалните претставници на САД соопштија дека Министерството за одбрана размислува да испрати околу 5.000 дополнителни војници на Блискиот Исток. Но, и покрај ваквиот притисок, Киван Хосрави, портпарол на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, во четвртокот повтори дека нема да има преговори со Вашингтон.

Тој рече дека официјалните лица од неколку земји кои неодамна го посетија Иран претежно ги претставуваат интересите на САД, но дека пораката на Техеран останува непроменета.

„Без исклучок, пораката за моќта и отпорот на иранската нација им беше пренесена“, рече тој.

Германскиот дипломатски извор рече во четвртокот дека ситуацијата во Персискиот залив и регионот и ситуацијата околу нуклеарниот договор во Виена е исклучително сериозна, како и дека постои реален ризик од нејзина ескалација, поради што дијалогот е исклучително важен.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата