Денеска започнуваат изборите за претставници во Европскиот Парламент – единствената институција која добива облик од граѓаните со директно гласање. Тест за десницата, борба за левицата и јакнење на некои нови струи. „Избори што треба да стават крај на кризата“ е израз што не толку тајно го посакува целата унија.

Пишува: м-р Симона ЈОСИФОВСКА

Од денеска до недела граѓаните на ЕУ ќе имаат можност да гласаат за партии, за кандидати или и за партии и за кандидати, согласно изборниот систем кој се применува во национални рамки. А дијаспората? Секако, и иселениците имаат право на глас и тоа варира во зависност од која држава имаат државјанство. Естонија е интересен пример, бидејќи има систем за е-гласање. Нашите соседи, Бугарија и Грција дозволуваа само нивната дијаспора која се наоѓа во ЕУ-држави да гласа. Граѓаните на Данска, пак, гласаат во амбасади, а Чешка, Ирска, Малта и Словачка не дозволуваат гласање надвор од нивните држави. Сепак, минатата година Изборниот Акт од 1976 е изменет со цел да го подобри учеството во изборите и да превенира нерегуларно гласање. Со реформата се забранува двојно гласање и гласање во трети држави.

Иако некои држави (Белгија, Бугарија, Кипар, Грција и Луксембург) имаат воведено задолжително гласање, генерално ЕУ се соочува со пад на излезноста. Од 62 проценти во 1979 година, претходните избори, во 2014 година, гласаа само 43% од гласачите. Овие избори очекувам поголемо ангажирање од страна на поддржувачите на новите сили, бидејќи и самите лидери користат реторика која што е насочена да агитира што е можно поголема маса, со доза на „револуционерни“ повици.

Мирот како да и стана здодевен на старата Европа, која копнее по нови подвизи, но е деконцентрирана и без здив. Се чини дека мигрантската криза и Брегзит и ја одзедоа енергијата на унијата, која заостанува во технолошката трка. Додека Кинезите и Јапонците од деца се стекнуваат со технолошки вештини, Европјаните се заглавени во потрагата на сопствениот идентитет. ЕУ успеа да изгради стабилен систем за економска соработка и изгради цела машинерија за спроведување на европското право, но овие избори се моментот кога траба да пронајде практичен механизам за справување со кризите.

Европската Народна Партија, според проекциите ќе освои најголем број пратеници на овие избори, но имајќи го предвид степенот на пад на бројот на нивните членови во ЕП, не би рекла дека ќе биде фаворит. Во периодот од 2009 до 2014, ЕНП имаа 273 пратенички места, а во 2014 паднаа на 216. Таков пад очекувам и овие избори.

Групата на Социјалистите и Демократите од 195 пратеници, во 2014 година се спушти на 185. Многумина имаа надеж дека прогресивната алијанса ќе се зајакнува, но големиот пад, според анкетите, е неизбежен на овие избори.

Либералите од АЛДЕ, пак, добиваат мала поддршка секој изборен циклус. И тоа е природно, бидејќи ако поддршката за Социјалистите паѓа, дел од нивните гласови одат кај Либералите.

Она што ќе биде најголемо изненадување на европските избори е токму моментално најмалата политичка група во ЕП – Европа на нации и слобода (ЕНС). Пред некое време, министерот за внатрешни работи на Италија и лидер на ЛЕГА, Матео Салвини, најави формирање на нова десно-ориентирана алијанса по изборите во ЕП. Групата ќе се нарекува Европска Алијанса на народот и нациите.

Тука би влегле членови од ЕНС, Европа за слобода и директна демократија (ЕСДД) и Европските Конзервативци и Реформисти. Алтернатива за Германија (АфД), финските националисти и Данската народна партија го поддржаа во плановите. Ова ново крило се залага за построги имиграциони и гранични политики и поголема национална независност. Проекциите на Политико.еу се дека групата на Салвини ќе земе 74 пратенички места, а Европските Конзервативци и Реформисти 59. Ако според планираното двете десничарски групи се соединат, заедно ќе имаат 133 пратеници, што ќе ги направи трета сила во ЕП. Мигрантската криза е изворот за формирање на ова ново крило.

Националистичката реторика им стана попривлечна на Европејците, откако се соочија директно/или стравуваат од поставување на бегалски кампови. Но што мислат СД и ЕПП по ова прашање?

Визијата за мигрантската криза на СД е итна хуманитарна помош во рамките на ЕУ, земјите на ЕУ поденднакво да го сонсат товарот, пред се финансискиот. Тие се залагаат за релоцирање на бегалците и последици за државите кои ќе го одбијат тоа. Со повремена контрола на границите, тие планираат да ја заштитат Шенген зоната. ЕПП, пак, се залага за заштита на бегалците, обезбедување на надворешните граници на ЕУ и преземање на акции против нерегулираната миграција.

Влоговите се големи, посебно за Германија која зеде најголем број од мигрантите. Интеграцијата, не размислувајќи премногу што значи идентитетот, е првата акција која што ја презема најразвиената европска држава. Веќе со декади глобалната миграција расте побрзо од популацијата, но ова е еден од најголемите шокови за Германија. Зачудувачки беше колку самите Германци беа спремни да инвестираат, пред се, човечки ресурси за да им помогнат на мигрантите. Но, таа не е држава без искуство со странци. Од Втората светска војна, Германија има примено околу 50 милиони имигранти, па постепено ги олеснува и законите кои ја регулираат таа област. Најзабележителен е интензивниот курс од германската влада – минимум 600 часови по германски јазик и 60 часови учење на германскиот живот. Тоа е формулата за оние кои што сакаат да добијат азил. Да не навлегувам во другите техники за интеграција, очекувано во Германија опцијата блиска до Салвини ќе добие голема поддршка. Природно е, луѓето не сакаат нагли промени, посебно не во општеството.

Друг проблем со кој се соочува ЕУ е Брегзит. Во Британија јакне поддршката кон Најџел Фараж, кој и самиот партијата си ја крсти Брегзит. Партијата на Фараж е дел од поранешна ЕСДД, која што најверојатно, по европските избори, ќе се соедини со групата на Салвини. Ова ново движење, според анкетите е фаворит и ќе освои најмногу пратенички места од Британија. Прашањето за Брегзит отвора многу други правци за дискусија од која ќе се воздржам во оваа кратка анализа.

Со длабока загриженост за европската ситуација, резултатот ќе биде во полза на десницата на овие избори, а левицата ќе треба повторно да ги разгледа своите приоритети. Овие граѓаните ќе гласаат за/против лицата од нивната држава, кои помалку или повеќе ги препознаваат по некои скандал, по популистички мерки или навистина веруваат дека одредени нови лица ќе направат промена.

На крај едно е јасно, а тоа е дека мигрантската криза и Брегзит не ја ослабнаа ЕУ, туку покажаа колку таа е фрагилна „држава“.

(Лидер.мк)

1

Најчитани вести