Заев: За нас се зборува како позитивен пример, оптимисти сме за датумот за преговори

20.05.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Заев: За нас се зборува како позитивен пример, оптимисти сме за датумот за преговори

Сите зборат за Северна Македонија како позитивен пример, единствена земја во Западен Балкан, кадешто е мирно, нема протести, се движат работите, успешно завршивме избори за да можеме да посветиме на економските вредности коишто за компаниите значат профит, за нас значат Бруто домашен производ, нови работни места и можно растење на нашиот извоз, рече премиерот, Зоран Заев, по завршување на Виенскиот економски форум.

Тој додаде и дека еврокомесарот Јоханес Хан пред бизнисмените и деловните луѓе зборувал за перформанските на економијата на нашата земја.

„Секако Комесарот Хан беше овде да ги потврди нашите европски вредности и она што е досега постигнато. Јас му благодарам за тоа, поради тоа што не само што помага на нашиот пат на интеграцијата,туку еве беше овде да настапи и независно да каже и пред бизнисмените и деловните луѓе за перформансите на економијата во нашата земја и на резултатите од сите реформи до каде што сме стигнати, за да можат да бидат осигурени потенцијалните инвеститори токму и во тие вредности“, рече Заев.

Премиерот кажа и дека со Хан разговарале и за очекувањата ова лето, јуни или јули, за конечната одлука на Европската Унија којашто треба да значи конечно одлука за добивање на датум за преговорите.

„Тој е оптимист, јас сум оптимист. Секако знаеме дека треба да завршат парламентарните избори за Европскиот Парламент, за да може уште појасно да ги знаеме ставовите на Франција и на Холандија. КанцеларкатаМеркел е позитивна. Веруваме дека ќе се придвижат процесите онака како што ние очекуваме заради тоа што навистина заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа и конечно заслужуваме позитивен фидбек од Европската Комисија и од Европската Унија преку земјите членки за добивањето на датумот за преговори“, рече Заев.

Заев рече во првата половина на јуни ќе излезе со конкретни решенија.

„Овие денови ќе посветам и јас, министерката за правда, моите тимови заедно со високите претставници од ВМРО – ДПМНЕ, ако треба и до лидерска средба ќе дојде, да направиме се што треба и овој закон да го заокружиме. Тоа е тој квалитативен период којшто од некои десеттина дена – дванаесет го имаме пред нас, до почетокот на јуни буквално. Во јуни месец и тоа првата половина на јуни имам намера да излезам со конкретните решенија за промени и тоа во Владата, во владините институции, значи директорски места, Управни одбори, надзорни одбори, во локалната средина, значи едно трето ниво подоле, а секако ќе се случат и персонални промени во Социјал – демократскиот сојуз, коишто ќе значат и подобрување на перформансите на најголемата владејачка партија, којшто има директен импакт квалитативен и врз владеењето во државата“, рече Заев.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата