Доктори одбиле да му трансплантираат срце на американски диџеј- не бил вакциниран (ВИДЕО)

27.01.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Доктори одбиле да му трансплантираат срце на американски диџеј- не бил вакциниран (ВИДЕО)

Според Би-Би-Си, на 31-годишниот диџеј Фергусон очајно му требало ново срце, но болницата во Бостон го отстранила од листата за трансплантација, тврди неговиот татко Дејвид.

Дејвид Фергусон вели дека неговиот син не бил вакциниран бидејќи „тоа е спротивно на неговите принципи“, додавајќи дека диџејот „не верува во вакцините“. Во самата здравствена установа велат дека таква е политиката на болницата.

„Со оглед на недостатокот на органи, правиме се` што е во наша моќ за да се осигураме дека пациентите кои добиваат трансплантиран орган имаат најголеми можни шанси за преживување“, изјавиле за Би-Би-Си од Бостонската болница.

Портпаролот на болницата рекол дека болницата бара „вакцинација против ковид и дека начинот на живот на кандидатите за трансплантација резултира со најдобри шанси за успешна операција и оптимална веројатност за преживување на пациентот по трансплантацијата, имајќи предвид дека нивниот имунолошки систем е драматично компромитиран“.

Внимателно формулираната изјава од болницата, според Би-Би-Си, може да сугерира дека во одлуката за отстранување од списокот за трансплантација биле вклучени и други фактори, но болницата одбила да разговара за спецификите на случајот, повикувајќи се на приватноста на пациентот.

Од болницата додаваат дека повеќето од 100.000 лица на листите на чекање за трансплантација на органи нема да добијат орган во рок од пет години поради немањето на бараните органи. Диџеј Фергусон бил хоспитализиран од 26 ноември поради наследен срцев проблем поради кој неговите бели дробови се полнат со крв, пишува на веб-страницата GoFundMe, која собира пари за Фергусон.

GoFundMe соопштуваат дека диџеј Фергусон стравува од воспаление на срцето, потенцијален несакан ефект на вакцината против Ковид -19 за која американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) вели дека е ретка и привремена. Фергусон стравува дека овој несакан ефект, со оглед на состојбата на неговото срце, може да се покаже опасен за него.

ЦДЦ, инаку, препорачува вакцинација и засилена доза за сите приматели на органи и за луѓето од нивниот внатрешен круг. Др. Артур Каплан, шеф на одделот за медицинска етика на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Њујорк, вели дека имунолошкиот систем на секој пациент е „виртуелно исклучен“ по трансплантацијата, а во таква ситуација, обична настинка може да биде фатална.

„Нема многу органи и нема да ги дистрибуираме на оние чии шанси за преживување се мали кога во исто време ги имаме оние кои се вакцинирани и имаат многу поголеми шанси за закрепнување по трансплантацијата“, рече Каплан.

Диџеј Фергусон има две деца и бремена сопруга. Неговото семејство вели дека тој е премногу слаб за да се префрли во друга болница, додавајќи дека „има се` помалку време“. “Мојот син се бори храбро. Тој има принципи во кои цврсто верува и затоа уште повеќе го почитувам”, рекол неговиот татко Дејвид Фергусон и додал: “Тоа е негово тело и негов избор”.

Две дози од вакцината биле дадени на околу 63% од населението во САД, а околу 40% од Американците добиле трета, засилена доза.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата