Итна евакуација на семејствата на вработените во Амбасадата на САД

„ВЕДНАШ НАПУШТЕТЕ ЈА УКРАИНА – Русија може да нападне ВО СЕКОЈ МОМЕНТ“

24.01.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„ВЕДНАШ НАПУШТЕТЕ ЈА УКРАИНА – Русија може да нападне ВО СЕКОЈ МОМЕНТ“

Соединетите Држави им наредија на членовите на семејствата на вработените во американската амбасада во Украина да ја напуштат земјата, наведувајќи ја континуираната закана од Русија за воена акција.

Американскиот Стејт департмент го одобри и доброволното заминување на американски владини претставници, велејќи дека Американците треба итно да размислат за напуштање на земјата, пренесува Ројтерс.

– Бевме во консултации со украинската влада во врска со овој чекор и се координираме со сојузничките и партнерските амбасади во Киев – соопштија од американската амбасада.

Во соопштението од амбасадата се предупреди дека „руската воена акција може да следи во секое време и дека владата на Соединетите Држави нема да биде во позиција да ги евакуира американските граѓани во такви непредвидени ситуации, па затоа американските граѓани кои моментално се присутни во Украина треба да планираат соодветно“.

Доцна синоќа Њујорк Тајмс објави дека американскиот претседател Џо Бајден размислува за распоредување на неколку илјади американски војници кај сојузниците на НАТО во Источна Европа и Балтикот.

Пентагон одби да го коментира извештајот на Њујорк Тајмс, но портпаролот на Пентагон Џон Кирби во петокот рече дека НАТО ќе се погрижи да има „подготвени опции за да ги увери нашите сојузници, особено оние од источното крило на НАТО“.

Претставници на Стејт департментот одбија да кажат колку Американци моментално се во Украина.

Соопштено е и дека американската амбасада во Киев продолжува со работа, а нејзиниот вршител на должноста Кристина Квиен останува во Украина.

Фото: УС ембасси

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата