Ковачевски – Фон дер Лајен: Европската Комисија го поздравува дијалогот на премиерите на Бугарија и Македонија

21.01.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ковачевски – Фон дер Лајен: Европската Комисија го поздравува дијалогот на премиерите на Бугарија и Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски попладневно имаше телефонски разговор со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен којашто му го честиташе изборот за претседател на Владата и му посака плодна и успешна работа, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Ковачевски се заблагодари на честитката и на поддршката што претседателката на Европската Комисија Лајен ја дава на Северна Македонија.

Ковачевски ја известил Фон дел Лајен дека европските интеграции остануваат еден од врвните приоритети на новата Влада. Исто така тој ја запознал претседателката на ЕК со активностите на Владата во периодот што следи, мерките и политиките што се преземаат во правец на надминување на енергетската криза, како и економските мерки на Владата.

Во телефонскиот разговор станало збор и за неодамнешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје, што заеднички ја оцениле како позитивен чекор во надминување на разликите, и го поздравиле фокусот во проекти и активности кои се важни за иднината.

Премиерот Ковачевски ги реафирмирал уште еднаш македонските позиции, за македонскиот јазик и идентитет.

– Претседателката на ЕК Лајен го поздрави воспоставениот дијалог на ниво на премиери меѓу двете земји, и истакна дека Брисел силно го поддржува овој процес и дека таа лично, но и целата Комисија се спремни да помогнат со цел што побрзо оддржување на првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија, се вели во соопштението.

Премиерот Ковачевски и претседателката на ЕК фон дер Лајен се договориле многу скоро да имаат директна меѓусебна средба во Брисел.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата