САД: Имаме информации дека Русија наскоро планира инвазија на Украина

14.01.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД: Имаме информации дека Русија наскоро планира инвазија на Украина

Неименуван функционер рече дека САД имаат докази дека оперативците обучени за урбана војна и употреба на експлозиви ќе вршат саботажи насочени кон руските сили. Портпаролот на Пентагон Џон Кирби рече дека Министерството за одбрана има веродостојни информации кои укажуваат дека Русија „предложила група оперативци“ да спроведе „операција дизајнирана да изгледа како напад врз нив или врз луѓе што зборуваат руски во Украина“ за да се создаде причина за потенцијална инвазија..

Ова доаѓа по соопштението на украинското Министерство за одбрана, во кое се наведува дека руските специјални служби подготвуваат провокации против руските сили во обид да ја поткопаат Украина. Советникот за национална безбедност Џејк Саливан го навести ова вчера за време на брифингот со новинарите.

„Нашата разузнавачка заедница има информации дека Русија ја поставува основата за можноста за измислување изговори за инвазијата“, рече Саливан. „Ја видовме оваа стратегија во 2014 година. Тие повторно го подготвуваат истото“, додаде тој.

Украинското Министерство за одбрана денеска соопшти дека „воените единици на земјата агресор и нејзините сателити добиваат наредба да се подготват за такви провокации“. Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, негира дека Москва се подготвува за провокации во Украина. „Сите тие изјави досега се неосновани и со ништо не се потврдени“, рече Песков.

Американски официјален претставник изјави за Си-Ен-Ен дека администрацијата на Бајден верува дека Русија би можела да се подготви за инвазија на Украина „која би резултирала со широко распространето кршење на човековите права и воени злосторства доколку дипломатијата не ги исполни своите цели“.

„Руската војска планира да ги започне овие активности неколку недели пред воената инвазија, која би можела да започне помеѓу средината на јануари и средината на февруари“, рече претставникот.

САД, исто така, тврдат дека влијателни луѓе во Русија почнале да ја подготвуваат и охрабруваат руската јавност да интервенира. Ова вклучува сè порадикален наратив за кршење на човековите права во Украина и милитантни пораки од украинските лидери.

„Во текот на декември, содржината на таков наратив на руски јазик на социјалните мрежи порасна на 3.500 објави дневно во просек, што е зголемување за 200 отсто од дневниот просек во ноември“, изјавил американски официјален претставник за Си-Ен-Ен.

Средбите ова недела на западните и руските претставници не завршија охрабрувачки. Заменик-министерот за надворешни работи на Русија сугерира дека разговорите дошле во „ќорсокак“ и дека не гледа причина да продолжат, додека висок американски функционер предупреди дека руските „воени тапани стануваат се` погласни“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија верува дека НАТО ќе ги засили своите активности долж границата со Украина доколку Москва не ги послуша барањата на Западот.

„Додека нашите предлози се насочени кон намалување на воената конфронтација, деескалација на севкупната ситуација во Европа, на Запад се случува спротивното. Членките на НАТО ги зајакнуваат своите сили и авијација, а на териториите блиску до Украина и Црното Море, размерите на воените вежби се умножија во последно време“, рече Лавров.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата