Димитров во работна посета на Естонија: Балтикот е пример како еден регион може да се обедини зад заедничките интереси

17.05.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Димитров во работна посета на Естонија: Балтикот е пример како еден регион може да се обедини зад заедничките интереси

Во рамки на активностите од работната посета на Талин, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска беше примен од премиерот на Естонија, Јури Ратас, а оствари средба и со естонскиот колега, Урмас Реинсалу и се обрати пред Комитетот за надворешни работи во естонскиот Парламент.

Како што инвормираат од надлежното министерство, во разговорот со премиерот Ратас биле опфатени прашања поврзани со европската интеграција на државава, процесот на заокружување на постапката за полноправно членство во НАТО и потенцијалот за збогатување на билатералната соработка.

Притоа, Димитров се заблагодарил за силната поддршка од Естонија за европската перспектива на земјава.

„Естонија и Балтикот се пример за тоа како еден регион може да се обедини позади заедничките интереси и да создаде позитивна соседска динамика. Како земја и како регион можеме многу повеќе да постигнеме доколку следиме вакви примери и се фокусираме на утрешнината”, истакнал министерот.

Во фокусот на средбата со шефот на естонската дипломатија, Урмас Реинсалу, повторно била европската перспектива и важноста од валоризација на постигнатото и искористување на позитивниот моментум.

„Не охрабрува посветената и недвосмислена поддршка на Естонија за нашата европска иднина. Направивме целосен пресврт и продолжуваме со посветена работа дома во делот на реформите и надвор со нашите соседи и меѓународни партнери. Создадовме ретко успешна приказна која треба да биде препознаена и зацврстена преку отворање на пристапните преговори со ЕУ. Тоа ќе биде силен мотив за нас и јасен сигнал за целиот регион”, посочил Димитров.

Работниот престој на министерот за надворешни работи во Талин продолжува вечерва со присуство на официјалното отворање на Конференцијата Ленарт Мери насловена „Едно минато, многу иднини“ и свечената вечера што по тој повод ја приредува претседателката на Естонија, Керсти Калјулаид.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата