Почна пленарната седница во грчкиот Парламент за ратификација на договорите за новите гранични премини кон нашата земја

15.05.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Почна пленарната седница во грчкиот Парламент за ратификација на договорите за новите гранични премини кон нашата земја

Во речиси празна сала, со неколку пратеници од грчките партии, десетина минути по 16 часот по локално време започна расправата на пленарната седница во грчкиот Парламент за ратификација на двата договори потпишани во март и април во Скопје за отворање на новите гранични премини кај Мајден и Маркова нога, како и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат, откако вчера Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања ги прифати нацрт законите доставени од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

Потпретседателката на Парламентот, Тасиа Христодулопулу ги повтори позициите на партиите за конкретните договори, онака како што беа изразени вчера на Комисијата. СИРИЗА и Река се „за“, Нова демократија и Златна зора против, Демократска алијанса не го соопшти ставот, Комунистичката партија на Грција е воздржана, а Сојуз на централисти се отсутни.

Христодулопулу побара да се обратат оние пратеници кои што имаат приговори или не се согласуваат со предложените закони.

Прв за збор се пријави одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, пратеникот Јоргос Кумуцакос, но се премисли откако забележа дека се празни владините столчиња.

-Каде е владата? Каде е министерката?, праша Кумуцакос и рече дека ќе почека да дојде алтернативната министерка за надворешни работи, Сиа Анагностопулу.

Оној кој не сакаше да чека, беше пратеникот од Златна зора, Христос Папас, кој прв се обрати и објасни зошто тие се против договорот, велејќи дека „не постои држава со име Северна Македонија“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата