Д.П. Латас

Причина за инфаркт

5.12.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Причина за инфаркт

У име Оца и Сина и Свјатога духа.. Амин! Македонската правна држава по клиничка смрт и петгодишно вегетирање на апарати и официјално е почината. Опелото ќе се одржи во Собранието на Македонија. Наскоро.

Нападот врз правната држава почна откако надвор од закон, за партиски потреби, се селектираа и објавуваа туѓи телефонски разговори. Кога шарените уличари диктираа обвиненија и судеа од улица и откако тазе премиерот Зоран Заев освен извршната, надвор од неговите ингеренции, реши да ја стави под своја контрола и судската власт па се стави себе на чело од формираниот совет за ревизија на судството.

Им се раздолжува на шарените хушкачи од улица кои ги плаќа со државни пари од буџетот за “невладини“ активисти; постави свој државен јавен обвинител дури по трето гласање; му даде на СЈО милион евра бакшиш да се подели на десетте обвинители како аванс за услугите од обвинителите кои изнесоа на судење над 200 избрани луѓе; смени и обвини десетина судии кои не му се по мерка; унапреди судии кои ќе слушаат па дури и сопруги на партиски функционери аванзуваа за судии во Апелација; се апсеа пратеници кои потоа се пуштаа ако гласаат за потреби на власта... Со години, пред наши очи, гледаме јавно убиство на правната држава и веруваме дека тоа се однеува на некој друг.

Што следеше оттогаш до денес е општо познато, а познати се и резултатите на таквото владеење на Заев, на СДС на нашата земја и ДУИ. Последно во низата е деновиве. Откако остана без мнозинство од 61 пратеник, Заев со познатите финансиски аргументи и делење функции како за коледе, навлече нов коалиционен партер – Алтернатива на Гаши, со четворица пратеници и, така, опстанува уште некое време на власт.

Порталите на СДСМ, партиските гласила Фокус, Слободен печат, Фактор, Либертас... заташкуваат дека Заев прифатил услов на Алтернатива: да се изврши ревизија и меѓународна истрага на судските случаи Монструм, Диво насеље Куманово, случајот Алфа... се по ред случаи каде обвинети и осудени за тешки убиства се – Албанци. Се подразбира, после ревизијата се очекуваат ослободителни пресуди и обесштетување, максимално, 100 евра за ден или по 500.000 евра од човек, како за случајот Сопот.

Заев прифатил да го спроведе тоа. Не му е прв пат. И претходно, со СЈО, имаше ревизија за судењето за случаите Сопот и Монструм. За него тоа е мал напор, пар состаноци со соодветни шефови на обвинители и судии, и завршена работа. Како и за се друго во судството. Кеш има, унапредување се подразбира, а ќе се заборават и некои обвинителски и судијски корупции ако треба. А треба.

И така, чекор по чекор, дојде денот конечно, и официјално, да се прогласи мртва правната држава. Држава во која, според закон, никој освен македонското обвинителство не може да спроведува истрага. Во која, според закон, не може партиски шефови да договараат ревизии на судски процеси. Држава во која партии договараат ослободување на убијци затоа што се Албанци. За другите, неалбанците, нема договор.

Дали Зоран Заев после ова ќе замине и од премиерската функција? Кого воопшто тоа го интересира. Он и онака не е премеир, барем не како што пишува во законот и уставот. Он е диктатор и управител на севкупната власт во државава: премеир, претседател на држава, државен јавен обвинител, претседател на судски совет и на сите кривични и апелациски судови во државава, главен уредник на медиумите, претседател на жири за избор на песна за евровизија, гувернер на Народна банка, тој е и невладин сектор...

Он понуди премиерска оставка, ама Артан Груби и нарко картелот ујдисан со тендерџиите не му даваат да си оди додека не им се раздолжи.

А долгот е голем. Толку им е должен што ни како премиер нема моќ да ја спроведе сопствената најава. Сега и де факто е јасно дека со државава не управува ни Зоран Заев, ни неговата СДС. Тендерџиите, нарко картелите и андерграундот на ДУИ решаваат кој и до кога ќе биде премеир. Робата чека, пара мора да се врти, тендерите се спремни. Кога ќе се сведат сметките, Заев само ја спроведува диктатурата на подземјето. Што би рекол Зоран Ѓинѓиќ: секоја држава има своја мафија, само кај нас мафијата има своја држава.

А кој сакал да загледа, можел и сам да види дека ваков лик како Зоран Заев во нормални околности, без подземјето и ДУИ, не би ни можел да биде премеир. Го гледам како се кикоти на аеродром додека пристигаат телата на изгорените 45 Македонци што настрадаа во Бугарија. Ми текнува и дека кога беше таму, кај Бугарите, изјави дека несреќата ги зближувала двата народи. Па да не редам цел батаљон глупости, навреди, закани наназад чуени од него. Уште од почетната: “Живи луѓе ќе јадеме кога ќе дојдеме на власт...“ Дојдоа, и навистина, Зоран Заев ја оствари заканата.

Затоа во Брисел и Вашингтон треба да разберат дека падот на нивниот рејтинг во Македонија е директно врзан со рејтингот и бламажите, прогониоте, диктатурата, садизмот и неспособноста на нивниот Зоран Заев. Нивниот. Македонија никогаш освен во 2002-та не му дала мандат на СДС на парламентарни избори да има власт. Секогаш имале помалку пратеници од ВМРО ДПМНЕ. Вашингтон и Брисел, до скоро, стоеа зад Зоран Заев, Ахмети и Артан Груби небаре се нивни мисионери во Македонија, па секоја перцепција за САД и ЕУ се создава според однесуваљето на овие тројца.

И немаат намера да се променат. Не им треба поддршка од народ и гласачи кога ги имаат нарко картелите и дипломатите да им чуваат грб. Видете го само новиот буџет.

Помеѓу останатото, државата планира и зема обврска да исплати 12 милиони евра!!! на нивните партиски “невладини организации“, плус измислени промоции, коруптивни “проекти“ од Фондот за иновации, истражувања за парење на пчелите во пролет... Сума сумарум, на крај ќе испумпаат бар 20 милиони евра од буџетот. Не чекаа многу, па не свој избран лик од фирма Рамазоти Фуд му доделиле 40.000 евра за изум – пица од време на Римјаните. Нема веќе што да се измисли за да се земат пари од буџет за партиските промотери и дудлачи. Почнаа со 250.000 за вода во која се става вкус на марихуана и 80.000 евра за тренинг на магариња, а последното изум им е – пица!

А за тоа време европската банка, ЕБОР, се повлекла од изградба на штипската клиничка болница поради бавна реализација на проектот. Фалеле 14 милиони евра за доградба и државава немала од каде да ги обезбеди. Немале пари во буџетот, а отидоа нови 20 милиони евра за дресирање магариња, парење пчели, вода со марихуана, римјанска пица... И, те молам, кажи ми зошто воопшто некогаш и помислуваш да гласаш за нив?!

Како тоа ќе го прими јавноста? Ќе ја легнат они, како и досега. Платени со 20 милиони евра годишно од буџетот ќе те нападнат нивните портали, новинари, самонаречените експерти, божемни невладини активисти и ќе те убедат дека ти е добро.

Па ако ни тоа не ти е доста, да ти се дигне расположење и сврти внимание, ќе стегнат нови 10-20 истраги, апсења и затвори за да видиш дека они, уствари, тебе те штитат од лошите. А таа заштита е скапа, затоа ти плаќаш бар 20 милиони евра годишно од заедничките пари, за да имаш ријалити шоу. Те отвараат к’о паштета.

И не се само тие пари. Собирам податоци за финансирање на медиумите, особено порталите и “невладините“ на СДС, и ДУИ секако. Има многу изненадувања, и многу повеќе испрани државни пари од очекувањата. Има и тешки спинови. На пример, кој е газда на Слободен печат, и колку тоа значи за ширење проруско влијание во Македонија. Колку државни пари се слеани таму за финансирање на таа политика... Колкави се платите на новинари и активисти од кампот на СДС од перење пари, а колку од платите во нивните портали им се заработени на пазарот. Шокантно е!

И сега ќе бараат нов Зоран Заев, барем за шеф на СДС. Артан Груби ќе каже кога Зоран Заев може да си замине и од влада. Гледам, јака конкуренција за нов шеф на СДС. Од три кандидати двајца ни името не им го знаат, а третата е на судење за рекет. Лесно е да се кандидираш за шеф на СДС, ти треба само лична карта и да си жив, други квалитети не бараат. Каков параспур се дури и овие кандидати им се премија.

Сите тројца во политиката се влијателни и важни како семафор на пешачки во Чаир.

Ела кандидирај се за шеф на ВМРО. Поред Христијан Мицкоски, Александар Николовски, Антонио Милошоски, Илија Димовски... од скоро и Зоран Ставревски, громада од експерт за економија, финансии и инвестиции, Тимчо Муцунски... Кој од нив би му седнал на Артан Груби и на нарко дилерите во скут? Никој. А на новиот шеф на СДСМ тоа му следува, како мираз од Заев.

После ќе те стегало во градите, на чекор до инфаркт си. Не бе, не е тоа од политиката и немаштијата, сознанието дека си жртва на лудило, од стравот за иднината. Главната причина за инфарктот кај мажите над 50 години, се жените под 30 години. Тоа е.

(Д.П. Латас, 06.12. 2021)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата