Некогашниот бренд на Huawei, Honor претстави два нови смартфони – Honor 60 и Honor 60 Pro.

Станува збор за два уреди од средна класа кои ги покренува процесорот Snapdragon 778G Plus на Qualcomm, а другите карактеристики се слични на оние од Honor 50 серијата претставена претходно оваа година. Дури и модулот на задната камера е многу сличен.

Новитет е што двата уреда поддржуваат контрола со движење на рацете, така што можете да ја контролирате камерата, да се префрлате од задната на предната камера и да го активирате режимот слика во слика. Телефонот може да препознае пет гестикулации, а Honor тврди дека влогингот ќе биде полесно од било кога досега.

Honor 60 не е првиот паметен телефон што препознава гестикулации, бидејќи со тие функции експериментираа Google, Samsung, LG и други компании. Сепак, овие контроли можат да бидат бавни, проблематични и непрецизни, така што технологијата на Honor има многу да докаже.

Двата уреда имаат три задни камери. Во случајот со Pro моделот, одзади е главна камера 108 MP, комбинација од ултраширок и макро сензор од 50MP и сензор за длабочина од 2MP. Големо подобрување во овој случај доживеа ултрашироката камера, која имаше сензор од само 8MP на моделот 50 Pro. Honor 60 Pro има и подобра селфи камера од 50MP. Сепак, стандардниот Honor 60 има послаба селфи камера од 32 MP, додека на задната страна се наоѓа ултраширока камера од 8 MP, без гореспоменатите можности за макро фотографирање.

Моделите пристигнуваат со заоблени OLED екрани од 120Hz, при што екранот на Pro моделот е малку поголем со неговиот панел од 6,78 инчи, додека стандардниот има панел од 6,67 инчи. Тие се напојуваат од батерија од 4.800 mAh, додека моделите 50 Pro и 50 имаат батерии од 4.000 и 4.300 mAh. Исто така, и двата поддржуваат полнење до 66W, како и Honor 50, но Honor 50 Pro ја има предноста на брзото полнење од 100W.

Се уште не е познато дали новите уреди ќе се појават на светскиот пазар, но доколку е така, ќе ги имаат услугите на Google. Цената на Honor 60 Pro изнесува најмалку 424 долари, а Honor 60 Pro ќе се продава по цена од 581 долари.