Дебакл на биткоинот

26.11.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Дебакл на биткоинот

Биткоинот нагло падна денеска, за речиси 8,0 отсто, по извештајот за нов вид на коронавирус кој е потенцијално отпорен на вакцината.

Ова ги натера инвеститорите да пуштат ризични средства во корист на безбедни засолништа како што се државните обврзници, јенот и доларот.

Биткоинот потона за дури 7,8 отсто на 54.377 долари, што е најниско ниво од 12 октомври, пренесува Ројтерс.

Најголемата светска дигитална валута по пазарна капитализација е на пат да го забележи најдлабокиот еднодневен пад од 20 септември оваа година, губејќи повеќе од една петтина од својата вредност во споредба со рекордното ниво од 69.000 долари што го достигна претходно овој месец.

Научниците рекоа дека новиот вид на вирус, кој беше откриен во Јужна Африка, Боцвана и Хонг Конг, претставува необична комбинација на мутации, што може да го направи отпорен на имунолошкиот одговор на телото или попренослив и заразен од Делта.

„Неговото проширување, особено во други земји, може дополнително да го намали апетитот на инвеститорите на крипто-пазарите. Враќањето на биткоинот веројатно ќе биде ограничено и пазарот треба да биде подготвен за дополнителни загуби“, вели Јуја Хасегава од берзата Битбанк во Токио.

Паднаа и помалите криптовалути, кои имаат тенденција да се движат во тандем со биткоинот.

Етериум, вториот по големина токен по пазарна капитализација, падна за дури 11,6 отсто на најниското неделно ниво.

Според последните расположливи податоци, се тргува на ниво од 4.070 долари, што е за околу 18 отсто под рекордната вредност забележана на 10 ноември.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата