После 19 часот ќе гласаат сите кои ќе се затекнат во дворот на избирачкото место

17.10.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
После 19 часот ќе гласаат сите кои ќе се затекнат во дворот на избирачкото место

Процентот на излезност на седмите Локални избори до 15 часот е 31.80 отсто, што значи дека гласале 403.715 грааѓани, соопшти Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК). Податоците се однесуваат на пристигнати извешати од 2.431 избирачко место, или во проценти 69.86.

Најголема излезност има во Општина Новаци, 59.16 отсто, па следат Демир Хисар, Лозово, Вевчани, а меѓу 10-те општини кои ги наведе Даштевски со најмала излесност се: Гостивар, Дебар, Желино, Боговиње, Сарај, Врапчиште, Ростуше.

Даштевски наведе повеќе причини за големите гужви пред избирачките места, како на пример дека избирачкиот список има дупло повеќе страни, поради рекордната бројка на гласачи. Право на глас имаат 1.824.864 гласачи, што е најмногу од сите локални избори досега и пораст од 10.220 гласачи во однос на изборите во 2017.

„Исто така, проверката на идентитет оди поспоро оти една четвртина од отпечатоците кои ги добивме од Министерството за внатрешни работи (МВР) се со лош квалитет. Имаме и ковид мерки, не смеат да се пуштаат многу луѓе во просториите. Насоката е да се пуштаат онолку гласачи колку што има паравани. Сакам да порачам дека гласањето ќе продолжи за сите кои се нашле во дворот на гласачкото место и после 19 часот. Оградата ќе се затвори, и сите кои ќе бидат затекнати во дворот ќе гласаат“, рече Даштевски.

До ДИК се пристигнати 134 приговори, 63 се прифатени, 10 се одбиени, останатите се проверуваат.

Според Даштевски, прекин во гласањето имало во по едно избирачко место во општини како Боговиње, Бутел, Гевгелија, Гостивар, Дебарца, Липково.

На овие избори ќе се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата