Со среќа кон СП – БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ!

1.08.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Со среќа кон СП – БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ!

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Денеска е 1 август. Од денеска Македонија и официјално има нов селектор на нашата најдобра фудбалска репрезентација. Од денеска на чело на А-тимот е Благоја Милевски.

По цели 5,5 години го нема веќе Игор Ангеловски. Тој е историја. За него се е кажано, нема потреба од премногу елаборирање за некој кој што е само минато.

Рековме тој е историја, од денеска е БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ.

Човекот – успех. Човекот кој уште во 2016 година го направи првото фудбалско чудо. Тој е тој кој ја однесе У-21 селекцијата на Македонија на едно големо натпреварување, на кое учествуваше на ЕП во Полска 2017 година.

Милевски е тој кој што преку младата селекција ги вивна во височините Елмас, Барди, Велковски, Николов, Аврамовски, Муслиу… и останатите членови на таа златна генерација, која дел од нив настапи и на ЕУРО 2020.

Не треба да се трошат премногу зборови за нашиот четиринаесети селектор во нашата фудбалска историја, во самостојна Македонија.

Фудбалската федерација на Македонија го донесе најисправиот потег во овој момент, му ја даде довербата на селектор – практичар, стратег кој си знае работата. Човек кој е фудбалски фанатик. Тренер кого не го интересираат социјалните мрежи, кој има аверзија кон “лајковите“ и “лајкувачите“. Неговиот успех сака да се вреднува на поинаков начин. Теренот да кажува.

ГОЛЕМИ СЕ ОЧЕКУВАЊАТА….

Јасно е дека Милевски доаѓа во многу незгоден момент. Таа еуфорија по ЕУРО секако дека ќе падне. Ќе го нема Горан Пандев, ќе нема веројатно уште некој. Но, Милевски е научен на решавање на проблемите, ако ги има. Тој е човек кој што ти кажува в лице се што треба. Да си знаеш на што си. Не се затскрива зад ФБ, Инстаграм или Твитер.

Јасно е исто така дека од него големи се очекувањата. Посебно во квалификацииите за СП во Катар 2022 година. Веќе во септември, за еден месец, играме дури три меча. Прво со Ерменија,а потоа гостуваме на Исланд, па играме дома со Романија. Сите сме свесни, па и тој, дека ова може да бидат решавачки мечеви во битката за пласман на Мундијалот.

Моментално сме втори во групата, веднаш зад Ерменците, а пред Германија.

И затоа со СРЕЌА БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ. СО СРЕЌА КОН СП!

 

sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата