ММФ: Речиси 40 проценти од населението во развиените земји е целосно вакцинирано

28.07.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ММФ: Речиси 40 проценти од населението во развиените земји е целосно вакцинирано

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја задржа својата прогноза за глобалниот раст за шест проценти за 2021 година, зголемувајќи ги изгледите за САД и другите водечки економии, истовремено намалувајќи ги за земјите во развој кои се борат со сѐ поголем број на корона вирусни инфекции.

Разликата меѓу двете групи земји во голема мера се заснова на подобар пристап до вакцините за „Ковид-19“ и континуирана фискална поддршка во напредните економии, додека оние во развој се соочуваат со проблеми на двата фронта, соопшти ММФ.

„Скоро 40 проценти од населението во напредните економии е целосно вакцинирано, во споредба со 11 проценти на пазарите во развој и мал дел во земјите во развој со ниски примања“, рече главниот економист на ММФ, Гита Гопинат.

„Побрзиот опфат на вакцинацијата отколку што се очекуваше и враќањето во нормала доведе до раст, додека недостатокот на пристап до вакцини и нови пандемски бранови на ковида-19 во некои земји, особено во Индија, доведоа до пад“, додадоа.

ММФ значително ги зголеми своите прогнози за САД, кои сега очекува да се искачат на седум проценти во 2021 година и 4,9 проценти во 2022 година, што е за 0,6 и 1,5 процентни поени, соодветно, во однос на априлските прогнози. Проценките предвидуваат дека Конгресот на САД ќе го одобри предлогот на американскиот претседател Џо Бајден за приближно 4.000 милијарди американски долари за трошење на инфраструктурата, образованието и семејната поддршка.

Позитивните прелевања од планот на трошење на САД со очекуваниот напредок во бројот на вакцинирани против ковид-19 ја зголемуваат глобалната прогноза за раст на ММФ за 2022 година на 4,9 проценти, што е за 0,5 процентни поени повеќе од април.

ММФ најмногу ги зголеми прогнозите за Велика Британија и ја зголеми проценката за раст за оваа година за 1,7 процентни поени, на седум проценти.

За еврозоната, Фондот предвидува значително помал пораст од 0,2 процентни поени за 2021 година, додека прогнозата на Јапонија се намали за 0,5 процентни поени, што е резултат на поголемиот број на заразени и построгите ограничувања во првата половина на годината.

ММФ предвидува дека економијата во еврозоната ќе порасне за 4,6 проценти во 2021 година и 4,3 проценти во 2022 година, додека во Јапонија ќе порасне за 2,8, односно три проценти.

Намалени се изгледите за Индонезија, Малезија, Филипини, Тајланд и Виетнам
ММФ исто така ја процени стапката на раст на водечките економии во еврозоната. Германската економија се очекува да порасне 3,6 во 2021 година и 4,1 процент во 2022 година, француската 5,8 и 4,2 проценти, соодветно. Економијата во Италија треба да порасне за 4,9, односно 4,2 проценти, а во Шпанија за 6,2 и 5,8 проценти, соодветно.

Индија, која се бори со огромен бран на короновирусна инфекција оваа година, има скратени прогнози за раст, за три процентни поени, на 9,5 проценти во 2021 година. ММФ исто така ја намали прогнозата за Кина во 2021 година за 0,3 процентни поени, повикувајќи се на намалувањето на јавните инвестиции и вкупната фискална поддршка.

ММФ исто така ги намали своите изгледи за Индонезија, Малезија, Филипини, Тајланд и Виетнам, каде неодамнешното зголемување на инфекциите со ковид-19 влијае на активноста. Фондот предвидува азиските земји во развој годинава да пораснат за 7,5 проценти, што е пад од 1,1 процентен поен во однос на прогнозите во април.

Предвидувањата за земјите со ниски примања беа намалени за 0,4 процентни поени во 2021 година, а Фондот ја наведе бавната вакцинација како главна причина што го попречува нивното закрепнување.

ММФ рече дека другите негативни ризици остануваат значајни на глобално ниво, вклучително и можноста дека новите, многу заразни видови на коронавирус ќе доведат до нови ограничувања за движење и намалена економска активност.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата