„Ребаланс на буџет кој не носи ништо за народот, АМА НОСИ ЗА ЕЛИТИТЕ ОД ВЛАСТА“

22.07.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Ребаланс на буџет кој не носи ништо за народот, АМА НОСИ ЗА ЕЛИТИТЕ ОД ВЛАСТА“

Ребалансот на буџетот за 2021 не носи ништо за народот, ама носи за елитите од власта“ вели  Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.

Стојаноски додаде дека со овој ребаланс власта потврди дека нивна единствената политика е купи ден – продај.

„Вака концепиран ребаланс дополнително ќе ја зголеми сиромаштијата и ќе ја втурне државата во уште поголема сиромаштија и бесперспективност. Неразвоен и креиран без концепт, нема јасна визија и е поставен на постулати кои што се апсолутно  неодржливи. Креиран е стихијно, без одржлива стратегија која е насочена кон реален развој на економијата. Ребаланс концепиран за предизборен поткуп и за уште поголемо збогатување на Заев и фамилијата на власт“, нагласи Стојаноски.

Стојаноски посочи дека со овој ребаланс Македонија ќе го добие најголемиот буџет во историјата од 4,37 милијарди евра.

„Проектираниот дефицит првично беше 4,9% а сега со ребаланост е 6,5% или во апсолутни бројки дефицитот во Буџетот ќе се зголеми за 183 милиони евра, пари кои ги немаме и ќе треба да се задолжиме, според вас годината ќе ја завршиме со долг од 751 милион евра што ви тврдам одговорно дека нема да е така, а проектираната стапка на раст ќе ја задржувате на 4,1% што е апсолутно невозможно особено во посткризна година погодена со еден бран зад нас и уште еден есенски потенцијален бран. Исто така морам да кажам  дека оваа година нема да биде година на консолидација на економијата. Народната Банка ни предвидела раст од 3,9%, ММФ од 3,8%, ЕК 3,7% што значи дека Република Македонија во регионот ќе има убедливо најнизок раст“, рече Стојаноски.

Стојаноски нагласи дека растот од 4.1 процент во 2021 година е невозможен заради два фактора:

– Во првите 3 месеца од годинава имаме пад на економијата за 1,9%, бруто инвестициите во минус од 16,6%. Според овие податоци економијата во наредните три квартали економијата треба да расте во просек од 6,1% за да може да го намали овој пад од 1,9% и да ја стигне таа ставка на раст од 4,1%.

– Како ќе постигнете раст од 4,1% кога просечната стапка на раст во периодот од 2017 – 2019 ви била 2,4% во безкризно време, а во моментов реализацијата на странски директни инвестиции и капитални инвестиции ви е очајна?

„Во 2021 со сигурност ќе ја завршиме со дефицит над 900 милиони евра. Македонската економија и во првите три месеци од 2021 е во рецесија. За само 4 години долгот на Република Македонија го зголемивте за 2,4 милијарди евра загрижувачки 63% од БДП. Вкупниот долг на Република Македонија е 7,2 милијарди евра. Што значи дека секое семејство во Република Македонија е должно по 4.800 евра, а само со ребалансот го задолжувате секој човек со по нови 500 евра долг“, појасни Стојаноски.

Стојаноски кажа дека со власта на СДСМ животот е се поскап, цените се се повисоки, граѓаните се се посиромашни. Речиси сите производи се поскапени, само за пример зејтинот во мај 2020-тата година чинел 67 денари за литар – сега е 95 денари, брашното од 34 денари за килограм, а сега е 39, млекото од 45 денари на 52 денари и само за илустрација од почетокот на годинава до сега, значи само за 6 месеци за 1.000 денари се зголемила потрошувачката кошничка. Ако лани на едно семејство му требале 32.791 денар, оваа година му се потребни 33.742 денари за основната потрошувачка кошничка. Само во месец мај живеачката поскапела 3%.

„Приходите во ребалансот од 3.6 милијарди евра се посебна нереална и недостижна приказна. Нереални се очекувањата за обезбедување приходи од 3.6 милијарди евра во ситуација на незавршена пандемија, намален извоз на стоки и услуги, а економската активност е забавена, намалена потрошувачка,  и владее безпарица“, додаде Стојаноски

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата