На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани против КОВИД-19 се вкупно 252 537 граѓани. Вчера се вакцинирале 9631, а прва доза примиле 1391. Досега се аплицирани 420 821 доза вакцини, а се ревакцинирани 168 284 граѓани.

– Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk изразиле 446 195 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, 48 отсто од населението над 70 години, 42 отсто повозрасни од  65 години и 35 отсто над 60 години имаат примено барем една доза вакцина.

 Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, како и лица вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата – во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.