Сања Лукаревска е втората заменик-претседателка на СДСМ, според одлуката на делегатите на денешниот 26.конгрес на партијата.

Со 682 гласа „за“ и два „против“, конгресот го изгласа предлогот што го даде партискиот лидер Зоран Заев. Тој ја избра Лукаревска за негова заменичка, по повлекувањето на Радмила Шекеринска, која беше на оваа позиција во два мандати, почнувајќи од 2013 година, кога и беше воведена функцијата и кога истовремено се случи смената на партиското кормило, односно заминувањето на Бранко Црвенковски.

За разлика од Шекеринска, која пред изборот за заменик-претседателка, ги извршуваше највисоките функции во партијата, така што долги години беше потпретседателка, а од 2006 до 2008 и претседателка на социјалдемократите, додека во меѓувреме беше вицепремиерка за европски прашања, а потоа и пратеничка, Лукаревска ја презема функцијата како член на досегашниот состав на Извршниот одбор на СДСМ и како директорка на Управата за јавни приходи, каде што ова и е втор мандат.

Пред конгресот, во СДСМ имаше и размислувања заменичката позиција да биде укината, со оглед на тоа што, во меѓувреме, се смени моделот за избор на партиски лидер (на непосредни внатрепартиски избори), за разлика од 2013 и 2017 година, кога Заев и Шекеринска настапуваа како тандем на тогашните изборни конгреси. Сепак, денеска, пред почетокот на конгресот, досегашниот состав на ИО решил да се избере нова заменичка на Заев.

Конгресот денеска треба да го избере и новиот состав на Централниот одбор на СДСМ, за што делегатите добија листа од 120 имиња.