Претседателот на комитетот за меѓународни работи на Руската државна дума, Леонид Слуцки, изјави дека официјална Москва е подготвена да им понуди на Израел и Палестина да водат преговори за решавање на конфликтот на територијата на Руската Федерација.

Покрај тоа, рече тој, Русија предлага да се формира малку поинаков „квартет“ во преговорите, во кој би биле вклучени и земјите од Блискиот Исток – покрај Израел и Палестина, и оние арапски земји што имаат дипломатски односи со Израел – Египет, Јордан, ОАЕ и Саудиска Арабија.

„Ние сме спремни да понудиме овие преговори да се одржат во Москва“, рече Слуцки.

Тој оцени и дека руските парламентарци постојано одржуваат контакти со колегите од обете страни на конфликтот.

„Засега тоа е на ниво на намера, сепак, таа намера сè уште не е реализирана. Сметам дека треба да преземеме одредени чекори за што е можно поскоро да се свика тој блискоисточен квартет“, заклучи Слуцки.

Израелските авиони и денес продолжија со воздушните напади врз палестинскиот појас Газа, а припадниците на Хамас возвратија со испукување ракети кон Израел. Бројот на жртвите во конфликтот расте секој ден, но расте и притисокот на меѓународната заедница да им се стави крај.

Нема знаци дека конфликтот може да се смири. Палестинците денес пријавија 11 загинати на окупираниот Западен брег во судири меѓу демонстрантите и израелските безбедносни сили, а од понеделникот во Газа се убиени 139 лица, од кои 39 малолетни лица и 22 жени, а 950 се повредени, кажаа палестинските здравствени власти.