Екипата на Јувентус го совлада новиот италијански шампион Интер во дербито на 37. коло на Серија А. „Старата дама“ славеше со 3:2 на својот стадион со што ја запиша 22. победа во првенството. Во интересен и возбудлив натпревар, сега веќе екс-шампионот успеа да слави со гол во финишот на мечот.
Во 24. минута Роналдо промаши пенал, Хандановиќ одбрани, но одбиената топка португалскиот напаѓач ја смести во мрежата.
Потоа Ромелу Лукаку го изедначи резултатот со гол од пенал, а пред крајот на првото полувреме Квадрадо повторно го донесе Јувентус во предност.
Во 55 минута сега веќе екс-италијанскиот шампион остана со играч помалку затоа што Бентакур доби црвен картон (втор жолт), а Интер го изедначи резултатот во 85. минута преку автоголот на Кјелини.
Но тоа не беше се. Кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник, следуваше нов пенал за Јуве. Квадрадо го реализира за победа од 3:2.
Јувентус со 75 бода е четврти на табелата на последното место кое води во ЛШ, но зад него е Наполи со 73 бода и меч помалку. И Милан кој е третопласиран има 75 бода и меч помалку.

sportmedia.mk