На седницата на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), на шесте земји на Западен Балкан чии копретседатели се Азески и Чадеж, гостин ќе биде Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции.

На седницата, претседателите на шесте стопански комори од регионот и членови на КИФ (Стопанската комора на Северна Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешно-трговската Комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово) со вицепремиерот Битиќи ќе дискутираат за инвестициските политики во земјите од регионот на Западен Балкан, и потенцијалите како да се зголеми атрактивноста на регионот за странските инвеститори. Помеѓу останатото, ќе се дискутира за можностите за усогласување на политиките за привлекување на странски инвеститори помеѓу државите од регионот.

Податоците за движењата на странските директни инвестиции во земјите од регионот покажуваат дека во периодот 2010-2019 година во економиите од регионот на Западен Балкан влегле вкупно 45 милијарди евра странски директни инвестиции. Приливите на СДИ во БДП-то на земјите од регионот учествуваат во просек со 6,1%, што е меѓу највисоките во целиот регионот на Централна и Источна Европа. Странските директни инвестиции се зголемуваат во Србија и Македонија, стагнираат во Албанија и Босна и Херцеговина, а се намалуваат во Косово и Црна Гора. Најголем дел од инвестициите биле во преработувачката индустрија, финансискиот сектор и трговијата. Податоците покажуваат дека топ 5 инвеститори во земјите од Западен Балкан се Холандија, Швајцарија, Австрија, Русија и Германија.