Јапонскиот производител на автомобили, „Нисан Мотор“ во вторникот објави дека очекува нето загуба од 60 милијарди јени (551 милиони УСД) во тековната година поради недостиг на полупроводници и повисоки цени на суровините.

Приходите во фискалната година која завршува во март 2022 се очекува да пораснат за 15,7 проценти, на 9100 милијарди јени.

Во годината што заврши во март 2021 година, Нисан работеше со чиста загуба од 448,7 милијарди јени. Една година порано загубата беше 671,2 милијарди јени, а приходи паднаа за 20,4 проценти, на 7860 милијарди јени.

Во тримесечниот период што заврши во март, нето загубата беше 81 милијарда јени и скоро се стопи во споредба со истиот период минатата година кога беше 710,5 милијарди јени. Приходите се зголемија за седум проценти на 2550 милијарди јени.

„Успешноста на компанијата беше под притисок во текот на целата година од глобалната пандемија ковида-19 и ова предизвика пад на продажбата“, се вели во соопштението на Нисан.

Компанијата наиде на сериозни проблеми, забележувајќи пад на профитот и приходите по апсењето на соборениот претседател Карлос Госн во ноември 2018 година.

Госн е обвинет за злоупотреба на довербата и фалсификување на финансиски документи за да ги прикаже неговите примања и надоместоци за пониски од тоа што всушност се. Тој ги негира обвинувањата и избега од Јапонија во Либан кон крајот на 2019 година, бидејќи двете земји не успеаја да постигнат договор за екстрадиција.