Заев: Градиме партнерски односи меѓу институциите и бизнисите

23.04.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Заев: Градиме партнерски односи меѓу институциите и бизнисите

Премиерот Зоран Заев придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за образование, Арбер Адеми, денеска на покана на Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО) оствари работна средба на којашто заедно со претставниците на бизнис-заедницата, разменија размислувања и предлози за подобрување на бизнис-климата и унапредување на економскиот развој на земјата.

Како што информираат од владината прес-служба, Заев ги пренел заложбите на Владата за градење партнерски однос помеѓу институциите на системот и бизнисот што го оценил како важно за унапредување на заедничката соработка.

„Владата е тука за да им служи на граѓаните и компаниите. Нашите политички цели се поврзани со целите на бизнисот, а тоа е сè поголем број вработувања на наши граѓани, поголем раст на БДП, раст на извозот и потрошувачката. Сите овие параметри по решевањето на политичките прашања се со нагорен тренд и очекуваме да продолжи растот бидејќи севкупниот амбиент во државата се подобрува“, нагласил премиерот Заев и ги потенцирал големината и важноста на традиционалното пријателство на нашата земја со Република Турција.

Вицепремиерот Анѓушев порачал дека растот на БДП, од минусно салдо во 2017 изнесува 3,7% во последниот квартал од 2018, што како што кажал, е резултат на растот на реалната економија и приватниот сектор.

„Ве повикувам да аплицирате за мерките за поддршка од Планот за економски раст. Законот го проширивме и сега може да аплицираат за поддршка и преработувачките капацитети на земјоделски производи оние што не користат средства од ИПАРД-програмите и компаниите од ИТ, бидејќи со измените и софтверот го дефиниравме како производ. Исто така и во делот на критериумите коишто значеа број на вработени, има олеснување“, рекол Анѓушев.

Од владината прес-служба соопштија дека на работната средба од страна на претседателот на Стопанската комора на Македонија – Турција, Ајдован Адемовски, била претставена комората којашто брои 100-тина компании членки кои вработуваат 10.000 граѓани и ги потенцирал заложбите за унапредување на заедничката соработка и партнерските релации, кои, како што рекол, ќе вродат со сериозно учество на приватниот сектор за зголемување на економскиот развој.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата