Австрија смета дека Македонија и Албанија треба заедно да го одат патот кон Европската Унија. Ова го порача денеска сојузната министерка за Европа и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер на средбата со вицепремиерот Димитров.

Таа истакна дека раздвојувањето на двете држави може да биде ризично и тоа треба да се спречи.

-Ние сакаме Албанија и  Македонија заеднички да добијат реална перспектива во Европската унија. Ние сме на мислење дека ќе биде ризично и во секој случај ќе треба да се спречи овие две земји во овој прцес да ги разделиме. „Леавинг но оне бехинд“ или неоставањето никој назад во преговорите ќе треба да остане како девиза, рече министерката Едштадлер

Затоа таа се надева дека прашањето со Бугарија ќе биде надминато.

-Се надевам дека, исто така, Македонија ќе остане конструктивна и активна и ќе влијае проблемот да се реши да се дојде до меѓувладина конференција за двете земји, истакна авриската министерка за Европа и Устав.

Вицепремиерот Димитров вели дека ставот за нераздвојувањето на двете земји во пристапниот процес е став на многу земји членки на Унијата.

-Како што сега го чувме ставот на Австрија, вчера имавме прилика да го чуеме и ставот на Германија преку министерот Хајко Мас, а пред неколку дена го имавме и словачкиот претставник во ГАК со истиот став. Мислам дека огромно мнозинство земји членки имаат став дека двете земји ги исполнуваат условите и оти е крајно време да имаме две меѓувладини конференции и за Македонија и за Албанија, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања одговарајќи на истото прашање