Шведската влада планира да ѝ донира еден милион вакцини против Ковид-19 од компанијата „Астразенека“ на глобалната програма за набавка на вакцини „Ковакс“, чија цел е бесплатно да се испраќаат вакцини во земјите во развој.

Шведскиот министер за помош за развој Пер Олсон Фрид рече дека е потребно да се направи сè што е можно за борба против пандемијата.

„Шведска е веќе водечки финансиер на програмата ‘Ковакс’, но она што го правиме сега е да придонесеме со донирање на милион дози со цел да обезбедиме што повеќе луѓе во светот да се вакцинираат што е можно поскоро“, рече Фрид.

Тој истакна дека Шведска не треба да ги чува дозите и дека донацијата на домашни вакцини на други земји ќе започне веднаш штом ќе заврши вакцинацијата на ризичните групи во таа земја.

Испораката на вакцини за програмата „Ковакс“ е одложена поради тешката состојба во Индија.

„Гледаме дека пандемијата беснее низ целиот свет. Луѓето умираат, сиромаштијата се шири, а децата сè уште не се вратија на училиште. Ние мора да сториме сè што можеме во борбата против пандемијата и да се бориме против коронавирусот низ целиот свет“, нагласи Фрид, додавајќи дека постои можност за дополнителни донации во фондот за набавка на вакцини.

Засега е непознато кои земји ќе ја добијат шведската вакцина. Вкупно 92 земји примаат вакцини преку програмата „Ковакс“, а Светската здравствена организација одлучува кои земји ќе ги добијат.

Координаторот на процесот на вакцинација во Шведска, Ричард Бергстром, изјави дека имаат резерва од четири или пет милиони вакцини, кои ќе може подоцна да ги поделат.

makfax.com.mk