Тимошенко бара без одлагање да се формира нова влада во Украина

22.04.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Тимошенко бара без одлагање да се формира нова влада во Украина

Лидерката на украинската партија „Баткившчина”, Јулија Тимошенко, укажа на потребата за формирање нова украинска влада по победата на Владимир Зеленски на претседателските избори во неделата, пренесува ТАСС.

„Треба ли да ја толерираме сегашната влада за уште шест месеци? Впрочем, 75 отсто од луѓето не гласаа за промена за да ја толерираат оваа влада уште една половина година. Ако овој парламент има барем малку совест, неопходно е да се даде можност за формирање нова влада, која ќе има сосема различни цели и задачи”, рече таа на состанокот на Координативниот одбор на Врховната Рада (парламент).

Според Тимошенко, од суштинско значење за новиот претседател е и да назначи нов обвинител, претседател на Службата за безбедност на Украина и министер за одбрана. Тоа треба да се направи за да се види дали новиот претседател има политичка волја да ги повика на одговорност сите оние владини функционери кои биле инволвирани во корупција со помош на неговите шефови за безбедност.

„Тоа ќе биде првиот тест за промените”, рече Тимошенко, додавајќи дека победата на Зеленски е шанса за Украина.

Зеленски освои 73,15% од гласовите на изборите што се одржаа на 21 април, според 97,99% обработени гласачки ливчиња, а актуелниот претседател Петро Порошенко освои 24,52%.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата