Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесе кривични пријави за прекршување на Кривичниот законик од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери и двајцата пратеници Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, на кои иако им бепше одредена домашна самоизолација, учествуваа во работата на парламентот и во скафандери гласаа по точките од 32. и 36. седница.

„Македонија мора да биде држава во која што законите и Уставот важат подеднакво за сите. Поради основано сомневање за прекршување на Кривичниот законик, а особено во членовите 205 и 206, кои што се однесуваат за непостапување по здравствени прописи во време на пандемија, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денес во Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава“, рече во изјавата за медиумите пред ОЈО, пратеничката Ели Панова.

Таа објасни дека пријавата потив претседателот на Собранието, е зашто тој овозможил на седницата да присуствуваат двајца пратеници позитивни на Ковид-19.

„Тоа значи дека имаме основано сомневање дека се прекршени членовите од Кривичниот законик, исто така законот за заштита на населението од заразни болести“, објасни претставничката на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека кривична пријава ќе биде дадена на процесуирање во Јавното обвинителство, кое треба да постапи по неа.

makfax.com.mk