Пратеничката даниела Маркоска од редовите на СДСМ истакна дека Владата е посветена на помош и поддршка на компаниите со цел одржување на ликвидноста и зачувување на работните места.

Еден од механизмите за поддршка на стопанството се и бескаматните кредити наменети за мали и микро компании, за трговци поединци и занаетчии, посочи таа.

„Преку трите кредитни линии, Ковид 1, 2 и 3, од Развојната банка на Северна Македонија, обезбедени се средства во вкупен износ од 44,1 милиони евра, со кои се поддржани над четири илјади компании кои вработуваат 36.802 лица. Кредитите се со каматна стапка од 0 отсто и грејс период до 6 или 12 месеци, кој за Ковид 1 се продолжи за дополнителни три месеци. Истовремено, откако беа поразени деструкциите на опозицијата во Собранието и беа усвоени потребните законски измени, деновиве поддршката за исплата на плати за месеците февруари и март започнува да пристига кај граѓаните“, истакна Маркоска.

Таа прецизираше дека со оваа мерка се опфатени 60.000 работници месечно, а вредноста на истата изнесува 1 милијарда и 920 милиони денари.

Финансиската поддршка ќе биде скалеста и ќе изнесува од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен, во зависност од тоа која компанија колкав пад на приходи имала во текот на ноември и декември 2020 и јануари 2021 година, споредено со ноември и декември 2019 и јануари 2020.

makfax.com.mk