Во Велика Британија, се откриени нови случаи на заразени со Ковид-19 и тоа како што велат научниците со потенцијално нова загрижувачка мутација, која за прв пат беше откриена во Индија.

До 14 април, властите забележаа вкупно 77 случаи на овој вид на коронавирус, позната како Б.1.617. Од нив, 73 се евидентирани во Англија и четири во Шкотска.

Видот Б.1.617 во моментов е означен како „под истрага“. Ако се покаже дека е позаразен или поотпорен на нашиот имунолошки одговор, тогаш ќе зборуваме за „загрижувачка мутација“, велат експертите.

Постојат неколку „загрижувачки соеви“ во Велика Британија, вклучувајќи ги и оние што први беа откриени во Кент, Јужна Африка и Бразил, пишува Гардијан.

Овие нови видови на коронавирус содржат различен сет на мутации, иако има некои преклопувања.

На пример, сите три соеви имаат мутација наречена „N501Y“, за која се верува дека го прави вирусот позаразен, додека верзиите од Бразил и Јужна Африка имаат мутација наречена 484K, за која се верува дека му помага на вирусот барем делумно да го избегне нашиот имунолошки одговор.

Варијантата Б.1.617 најпрво била откриена во Индија, но подоцна се проширила и на други делови од светот, вклучувајќи ја и Калифорнија. Експертите се малку загрижени затоа што оваа верзија содржи две мутации на S протеинот што може да ја зајакне неговата способност да избегне имунолошки одговор на нашето тело.

Д-р Пол Хантер од Универзитетот во Источна Англија рече дека тоа е потенцијално вознемирувачка верзија.

„Овие две мутации заедно можат да бидат многу попроблематични од јужноафриканските и бразилските соеви кои имаат само една таква мутација, а потеклото од Индија полесно може да навлезе во заштитата на вакцините“, рече Хантер.

Сепак, потребни се дополнителни истражувања за да се утврди точната улога на овие мутации и нивното влијание.

makfax.com.mk