Ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, доби домашен притвор, кој му е изречен од Кривичниот суд. Судијата кој одлучуваше, го одби предлогот на Обвинителството за изрекување на ефективен притвор. Причините на обвинителот се дека Рашковски може да се даде во бегство, но и да се крие и влијае врз сведоци, но судот смета дека нема докази за тоа. Мерка му е изречена и на Даниел Станчев, сопственик на компанијата „Инвока груп“, од која е набавен спорниот софтвер, за кој сега се води истрага. За него исто така е изречен домашен притвор. Двајцата се сомничат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

„По произнесување на јавниот обвинител во однос на предлогот со кој бара определување мерка притвор заради постоење на основите од член 165 ст.1.т.1 и 2 односно (т.1) опасност од бегство со оглед да осомничените се имотни и (т.2)влијание на сведоци и попречување на истрагата, како што е наведено во предлогот, како и произнесување на осомничените во присуство на нивните бранители, судија на претходна постапка донесе решенија со кои на осомничените им определи мерка куќен притвор како и мерка Забрана за комуникација со другите осомничени и Забрана за користење на средства за комуникација“, велат од Кривичен суд.

Според судот, обвинителот не ги поткрепил основите заради кои бара притвор, односно немал докази дека осомничените се имотни и дека ќе влијаат врз лица во истражната постапка.

„ Имено во предлогот обвинителот не приложил докази во поткрепа на основите на сомнение заради кои се бара притвор, односно не приложил доказ дека осомничените се имотни и доказ како осомничените влијаеле или ќе влијаат на истражната постапка. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет. Што се однесува до предлогот на обвинителството за определување мерки за претпазливост за две други лица опфатени со истрагата, истите, согласно Законските одредби дополнително ќе бидат повикани да се произнесат по што ќе се одлучува“, додаваат од судот.

Рашковски и Станчев поминаа повеќе од седум часа во Кривичниот суд, каде беа спроведени по приведувањето од полицијата, а по наредба на судија, односно по барање на обвинител. Неофицијално, распитот е завршен во 13 часот, а потоа, осомничените биле задржани додека се изготват решенијата изречени од судот.

Според Обвинителството, со постапката која ја спровел Драги Рашковски како генерален секретар за набавка на спорниот сообраќаен софтвер, се направила штета од близу 180 илјади евра.

„Со дејствијата што ги извршил, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите“, велат од Обвинителството.

Од Обвинителството се сомневаат дека Рашковски ја договорил набавката на софтверот и дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот во случајот, ги пренесувал информациите до учесниците во јавната набавка.

„Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот. На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300,00 денари со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена“, велат од Обвинителството за постапката.

makfax.com.mk