Во случајот со починатиот 63 годишен жител на кратовското село Емерица,  Комисијата на Центарот за управување со кризи констатирала дека дежурниот оперативец Лупче Крстевски не бил виновен.

Како што извести Стојанче Ангелов директорот на ЦУК, станува збор за недоразбирање, кога докторот Павле Зафиров му се јавил за помош да се пренесе чвекот.

Смета дека своето незадоволство од исходот лекарот го пренел на погрешен начин.

– Да бараме од докторот да се извини е тежок збор, но да каже дека погрешил со тоа што рекол дека сме рекле дека сме ненадлежни. Јас сум отрпнат, долго сум во политиката, но овие луѓе не го заслужија тоа. Се работи за недоразбирање, а ќе го поканам и докторот за да ја слушнам неговата верзија, рече Стојанче Ангелов на денешната презентација на заклучоците од интерната комисија на ЦУК.

Во болницата во Штипна почетокот на април почина 63-годишниот жител на кратовското село Емирица, кој пет часа бил носен на раце низ тешко прооден планински терен за да се спаси неговиот живот. Овчарот кој беше пронајден во тешка здравствена состојба, откако 12 часа лежел на снег во близина на домот, имал мозочно крварење и изминативе денови бил во кома.

– Ретко кој го знае бројот 195, иако во иднина бројот 112 ќе се користи за сите служби. Се работи за несовршен систем со слабости, но за пет до шест месеци истите ќе се отстранат. Дежурниот оперативец е лице со преживеана сообраќајна несреќа и има мали деца, а во случајов професионално си ја вршел работата, рече Ангелов.

Центарот за управување со кризи го презентираше конечниот извештај на Комисија за утврдување на правилноста во примената на мапите на работен процес формирана на 5 април за работењето на РЦУК Кратово, РЦУК Куманово и Дежурниот оперативен центар (ДОЦ) на ЦУК, во врска со настанот во Општина Kратово за спасување на настраданиот од мозочен удар и премрзнување од високопланинското село Емирица.

Комисијата изготви информација со опис на самиот настан и детална анализа со констатирани забелешки во самите мапи на работен процес, со препораки како да се постапува во иднина. Пропустите, рекоа од таму, се во самите мапи на работен процес за Кратово и Куманово кои се од поодминато време.