Ситуацијата со коронакризата на ниво на држава е исклучително лоша, но можам да кажам дека во Прилеп можеби е најлоша, посочи денеска од овој град, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

„Континуирано високи бројки и на заболени, за жал и на оние кои што ја губат битката и ова е нешто што не се случува ден или два, туку се случува во континуитет“, нагласи тој додавајќи дека уште пред една година повикал да се воведат специјални мерки за Прилеп.

„Тие совети и апели за жал не беа послушани, после тоа на исто повикуваме и во кампањата, и за жал зимата и пролета ги имаме овие бројки кои што ги имаме“, рече потпретседателот на опозициската партија.

Тој исто така додаде дека Македонија останува црна дупка во процесот на вакцинација.

„Не само во потесниот регион, тука и за жал на ниво на Европа. Но, нема ни соодветна терапија, луѓе не можат навремено да направат крвна слика со сите податоци кои што се потребни, тешко се закажуваат рентген снимки, а да не зборувам за тоа дека мора самите да ги купуваат лекарствата, витамините, антиоксидансите кои што треба да ги користат“, кажа Николоски.

Посочи дека ситуацијата не е ништо посветла ниту од економски аспект.

„Економски градот тоне, според нашите информации, педесетина дуќани во прилепската чаршија се затворени што говори за падот на економијата, но исто така говори и за несоодветните економски мерки кои или ги нема или се недоволни“, кажа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

makfax.com.mk