Пратениците се делегирани во Собранието да работат за граѓаните и да нудат решенија, а не да прават непотребен политички спектакал и театар. Сакам примарно да ја информирам јавноста дека Претседателот на Собранието и мнозинството по секоја цена синоќа не дозволуваа да се оддржи седница за петтиот пакет економски мерки.

Седницата упорно не ја отвараа, точките упорно не ги ставаа на дневен ред, изјави денеска за медиумите, Тимчо Муцунски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во овој момент нема побитен закон и поголем приоритет од економските мерки. Затоа е апсолутно нејасно зошто синоќа се правеше се за да не се отвори таква Седница. Слушнавме само изговори зошто не се отвара таа седница, но ниту една причина не беше поврзана со деловникот на Собранието. Синоќа не слушнавме ниту еден разумен аргумент зошто не се отвори седницата со петтиот пакет мерки. Услови за таква седница има, и време е таа седница конечно да се закаже и оддржи.

Муцунски вели дека срамно е Собранието да не покаже капацитет да ги решава проблемите.

„Собранието не смее да биде вакво. Собранието не смее да има ваков однос спрема граѓаните и компаниите. Собранието не смее да остане заглавено во дневната политика на штета на граѓаните и компаниите кои сеуште ја чекаат насушно потребната економска помош, рече тој.

Тој посочи дека тие како пратеничка група нудат решение.

„Седница за економските мерки денес во 17.00 часот; во сабота во 12.00 часот; во недела во 12.00 часот; Седница во било кој друг термин кој ќе ги задоволи желбите на Претседателот на Собранието. На таа седница ќе биде присутна Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството нека обезбеди само 20 пратеници, не мора повеќе, и мерките ќе се донесат. Уште еднаш повторувам дека нашата пратеничка група бараше оваа помош да биде неповратна, а истовремено уште сега да изгласаме ваква помош покрај за февруари и март, и за април и мај. Целта, меѓу другото, е повторно да не ги ставаме компаниите и граѓаните во исчекување. Време е Собранието да покаже одговорност, пратениците да си ја заслужат платат. Време е, уште денес, да се изгласа петтиот сет мерки, додаде тој.