Извештаите што почнаа да се појавуваат во Бразил наведуваат дека здравствените работници се принудени да интубираат пациенти без помош на седативи.

Неколку недели пред ситуацијата да стане катастрофална, болниците и бразилските власти предупредија дека здравствениот систем ќе остане без клучни лекови и помагала.

Лекар од болницата „Алберт Швајцер“ во Рио де Жанеиро денес за „Асошиејтед прес“ изјави дека здравствените работници со денови разредуваат седативи за да им траат подолго залихите.

„Кога ќе останат без седативи, медицинските сестри и лекарите почнуваат да користат невромускулни блокатори и да ги врзуваат пациентите за кревет“, додаде лекрот, кој не сакаше да го открие своето име.

„Можете лесно да ги опуштите мускулите, но немаме седативи. Некои пациенти се обидуваат да зборуваат, да дадат отпор. Тие се свесни“, изјави неименуваниот лекар.

Недостатокот на медицинска опрема е најновиот проблем во Бразил, кој се соочува со сериозни последици од пандемијата на ковид-19, а бројот на починати на дневна основа е околу 3.000, и е четвртина од смртните случаи на глобално ниво, поради што оваа јужноамериканска земја е епицентарот на пандемијата.

makfax.com.mk