Денес тргнуваат специјални „ковид фри“ возови, во кои патниците ќе можат да се качуваат само со негативен тест за коронавирус, што може да се направи на станицата пред патувањето, помеѓу Рим и Милано, без попатни станици.

Два воза наречени „Freccia rossa covid free“ (Црвена стрела) од денес превезуваат патници на релација Рим – Милано. Возот тргнува од Рим во 8:50 часот, а од Милано во 18 часот.

За да можат патниците да се качат на тие возови треба да покажат негативен тест, молекуларен или антиген, што го направиле 48 часа пред патувањето.

Патниците мора да пристигнат на станицата 45 минути порано со цел навремено да регулираат се што е потребно за тестовите.

Возовите ќе возат со капацитет од 50 проценти и покрај тоа што сите патници треба да имаат негативен тест. По оваа рута, можно е наскоро да бидат воведени и нови.

Лицата кои биле вакцинирани исто така мора да покажат негативен тест или да бидат тестирани пред поаѓање. Доколку тестот е позитивен, на луѓето што купиле билет ќе им бидат вратени парите.

Сите вработени во овие возови ќе мора да прават тест секој пат. Кога се резервираат билети преку интернет, возовите што се „ковид фри“ се обележани со жолт триаголник.

Овие возови се санирани, тие имаат гел за дезинфекција, комплет за клиенти кој вклучува маска, гел и вода.

 

makfax.com.mk