Грција планира да ја укине еднонеделната изолација за туристите од Европската унија доколку имаат негативен PCR-тест за ковид-19 или се целосно вакцинирани.

Планот на владата допрва ќе биде утре одобрен од епидемиолозите, објави денеска весникот „Катимерини“.

Патниците мора да бидат целосно вакцинирани или мора да покажат негативен PCR тест, а некои патници, по случаен избор, ќе бидат подложени на тестирање.

Во земјата, туристите мора да се придржуваат до епидемиолошките мерки, вклучително и задолжителното носење маски на отворено.

Атина првично планирала да го прогласи почетокот на туристичката сезона на 14 мај, а потоа да ја укине обврската за изолација.

Обврската за изолација ќе биде укината и за патниците од Израел, САД, Велика Британија, Србија, Израел и Обединетите Арапски Емирати.

Врз основа на количината на ковид-19 во примероците на отпадни води, грчките виролози веруваат дека бројот на случаи со коронавирус ќе продолжи да опаѓа во наредните недели.

Грчките власти регистрирале 3.089 нови случаи во последните 24 часа, скоро илјада помалку од претходниот ден.