Тања Ерихсен, раководител на данската Агенција за лекови, се онесвести за време на прес-конференција на која беше објавено дека Данска ќе престане да вакцинира со вакцината АстраЗенека до ново известување.

Ерихсен се сруши пред камерите откако објави дека ја запира вакцинацијата со АстраЗенека.

“Данска е првата земја на Европската унија што трајно ја прекина вакцинацијата со АстраЗенека. Ризикот од нарушувања на коагулацијата е мал, но сепак е превисок за да се продолжи со вакцинацијата како што беше планирано”, рече таа, а потоа се онесвести.

Најбрзо реагираше Сорен Брострем, директорот на Данската здравствена управа и ја смести во странична положба. Прес-конференцијата веднаш беше прекината, а новинарите дојдоа на помош и помогнаа да се изнесе онесвестената шефица на Агенцијата за лекови.

Ерихсен била пренесена во болницата, а данската здравствена управа објави на Твитер дека Ерихсен се освестила, но ќе биде задржана во болницата за да и се провери состојбата. На крајот, Брострем сам ја одржа конференцијата.

Данска целосно престана да користи AstraZeneca против ковид-19 поради можна причинско-последична поврзаност помеѓу оваа вакцина и формирањето згрутчување на крвта. Данска е првата европска земја што одлучи трајно да престане со вакцинирање со AstraZenecа.

Поради одлуката да престане да се користи оваа вакцина, програмата за вакцинација во Данска ќе биде одложена за неколку недели, објави ТВ 2.