За претседателот на Собранието Талат Џафери не биле исполнети деловничките услови за да ги стави на дневен ред законите од петтиот пакет економски мерки на класање. Вели дека до него се уште не стигнале извештаите од комисиите, поради вакцинација на собраниските служби.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ Никола Мицевски му предложи да закаже нова седница на која ќе се гласа само за економските закони но Џафери не ја прифати понудата.

„Иако сите тие се недоволни и закаснети мерки сметам дека не треба ние да бидеме причина и пречка, барем од овој дел од задачите кои што ги имаме во Собранието да бидат завршени час поскоро поради економијата и стопанството. Не велам дека Собранието е функционално и дека нема други проблеми меѓутоа барем за овие од 5-от пакет економски мерки нема никакви пречки“, рече Мицевски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изразија подготвеност за гласање уште денеска, а однесувањето на Џафери го правдаат единствено од ДУИ со објаснување дека чекал силни гаранции од опозицијата дека активно ќе учествуваат во работата на сите седници.

Тактизирањето на Џафери со терминот за седницата за економските закони беше навестено уште по вчерашната вонредна координација со парламентарните партии на која, како што известија од неговиот Кабинет, побарал Собранието да се деблокира на секое ниво, без натамошни условувања и ултиматуми од партиите.

Законите од петтиот пакет мерки се во Собраниска процедура уште од февруари, но поради големиот број амандмани од Алијанса за Албанците Алтернатива, останаа заглавени во Собранието. Деновиве прво ВМРО-ДПМНЕ ги повлече амандманите на Законот за државјанство, по што тоа го направи и Алијанса – Алтернатива.