Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) на својата веб-страница објави дека заедно со институтот Торлак го почнал производство на руската вакцина Спутник V во Србија.

Според рускиот фонд, Србија стана првата земја во јужна Европа што ја произведува Спутник V. Производството на вакцината во Србија ги задоволува највисоките стандарди во производството на вакцини, се наведува на веб-страницата на РДИФ.

Вакцината, додаваат тие, подоцна може да почне да се извезува во другите земји во регионот.

Вакцинацијата против коронавирусот со руска вакцина во Србија почна на 6 јануари 2021 година, потсетува рускиот фонд.

До денес, Спутник V е регистриран во 60 земји во светот со вкупно население од три милијарди луѓе, соопшти Фондот, додавајќи дека ефикасноста на Спутник V е 91,6%, „како што беше потврдено од податоците објавени во Лансет, едно од најстарите и најценети медицински списанија во светот“.

Српскиот министер Ненад Поповиќ, исто така, на својот твитер-профил објави дека денеска во Торлак е извршено првото полнење.

„Како дел од договорот постигнат помеѓу Рускиот фонд за директни инвестиции и Институтот Торлак во Србија, за краток временски период успешно почна производството на вакцината Спутник V. Србија е првата европска земја што почна со производство на руската вакцина. Од почетокот на годината Спутник V активно се користи при вакцинирање на населението, а обемот на вакцинација може значително да се зголеми благодарение на лансирањето локално производство“, рече директорот на рускиот фонд, Кирил Дмитријев, според веб-страницата.