Знаеме како порасна просечната плата, затоа што 60.000 работници го изгубија работното место, тие се со минимална плата и така расте вештачки просечната плата. Ако прават популизам од таа страна тогаш нека ги вратат во џебот кај работниците тие пари, изјави во Топ Тема на Телма, Благоја Ралповски претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати.

Ралповски прашува за која економија зборува владата кога половина од тие што зедоа државна помош, а не дале плати.

– Ние баравме соломонско решение за рабониците и работодавачите, 16.000 денари или 60% од просечната плата, немавме никакво разбирање дури и како КСС бевме исклучени од економско социјалниот совет затоа што не попуштавме околу тој дел, рече Ралповски.

Тој истакна дека во земјава помошта не стига кај работниците и  никој не прашува како живеат тие работници.

– Работодавачите, дел од нив исплатиле еден денар, а дел помалку од тоа што земале или па ич. Дали има одговорност тука и дали некој од нив побарал одговорност? Гледаме по медиумите во Америка тие што не ги исплатиле парите од државната помош, по три години затвор добиле. Кај нас не знаеме кои се тие работодавачи кои ја земаат таа помош, нагласи Ралповски.