Даночната реформа започнува годинава, преку реализација на 13 цели и 40-тина активности и многу бројни подактивности од Акцискиот план за 2021 година за спроведување на Стратегијата за реформа на даночниот систем 2021-2025 година. Мерките предвидуваат анализи, примена на модели и искуства, а ќе бидат проследени со јавни расправи и консултации. Решенијата кои ќе се донесат ќе бидат резултат на овој процес, информираат од кабинетот на министерот за финансии.

Во таа насока е и денешната дискусија за даночната реформа на министерот за финансии Фатмир Бесими со претставници на академската и експертската заедница, академици, универзитетски професори и експерти кои ја покриваат областа на даночната регулатива.

Подобрување на постојната даночна политика и нејзино усогласување со ЕУ, обезбедување праведна конкуренција, анализа на даночната основа, намалување на даночната евазија, намалување на даночните долгови, подобрување на капацитетите на институциите во даночниот систем, зголемување на транспарентноста, подобрување на контролните механизми, подобрување на услугите и воведување на стимуланси за еколошка одговорност и „зелено“ оданочување, ова се конкретните цели опфатени со Акцискиот план за годинава, објаснуваат надлежните.

Активностите кои треба да се реализираат во рамки на овие цели се анализа на даночната основа и евентуални измени на даноците на личен доход, на добивка и на имот, како и анализа на даночните олеснувања. Понатаму, предвидени се активности за спречување на даночна евазија, подобрување на фискализацијата, кешлес околина, модернизација на услугите, развој на човечки ресурси и изготвување предлози за воведување стимуланси за еколошка одговорност, како и други активности во рамки на целите, информираат од кабинетот на Бесими.

Петте приоритети кои треба да се постигнат со спроведување на овие цели и активностите се: поголема праведност во оданочувањето, подобра ефикасност и ефективност на даночните приходи во насока на наплата на приходи, поголема даночна транспарентност, поголем квалитет на услугите и воведување на зелено „еколошко“ оданочување.

Министерството за финансии и Владата се залагаат за градење на подобар даночен систем кој ќе биде ефикасен, транспарентен, современ, едноставен и праведен, и како таков ќе биде основа за забрзан економски раст и развој. Ова ќе се спроведе преку еден транспарентен и инклузивен процес на консултации и јавни расправи со засегнатите страни, кој започна минатата недела со средбата на министерот за финансии со претставници на стопанските комори, а ќе продолжи и во иднина, известува кабинетот на Бесими.

makfax.com.mk