После аферата со издавање на македонски пасоши со лажен идентитет на познати криминалци од регионот и Европа, се постави прашањето за безвисниот режим на Македонија, бидејќи издавање на пасош под лажен идентитет е меѓународно кривично дело.

Од Европската комисија потенцираат дека клучна е  безбедноста на личните документи.

Тие не го коментираат случајот но велат дека редовно се врши ревизија на критериумите за безвизен режим.

-Она што можеме да го кажеме е дека прашањето за безбедноста на документите е еден од условите за либерализација на визниот режим, според кој земјите ослободени од визи имаат обврска да ги усвојат и имплементираат соодветните административни мерки, одговорија за МИА од портпаролската служба на Европската Комисија.

Оттаму додаваат дека исполнувањето на условите за слободен визен режим се под постојан надзор, а до Парламентот и Советот секоја година се доставува извештај за состојбата со овие критериуми за секоја земја која е ослободена од визи со ЕУ.

-Врз основа на овие извештаи, Европската Комисија дава препораки. Неисполнувањето на условите може да биде основа за активирање на механизмот за суспензија на визите, но суспензијата на изземањето од визи не е автоматски процес. Комисијата мора да ги земе предвид сите можни последици од суспензија на визното изземање за надворешните односи на ЕУ и на нејзините земјите членки како и за ситуацијата со човековите права во земјите кои не се членки на ЕУ, дообјаснуваат од Европската Комисија.

Оттаму до моментот на објавување на оваа вест нема конкретен одговор дали било кои од критериумите за слободен визен режим е загрозен по аферата со фалсификуваните пасоши во Северна Македонија, МИА ќе објави дополнителни детали штом ги добие од Европската Комисија.