Карлос Мајорга, мексикански кандидат на локалните избори, ја започна својата политичка кампања пред неколку дена од отворен ковчег, предупредувајќи на стапката на насилство во градот Хуарез, што, поради комбинација на пандемијата и небрежност на сегашните власти , стана „град на мртвите”.

Мајорга на предизборниот митинг, што се одржа на мостот помеѓу пограничниот мексикански град Хуарез и Ел Пасо, Тексас, пристигна во ковчег. Тој бил придружуван од своите соработници облечени во заштитна медицинска опрема, носејќи букети цвеќе во рацете, со цел да привлечат внимание на бројот на жртви од коронавирусот, кој надминува 200.000 во оваа земја.

„Одлучивме да ја започнеме нашата политичка кампања од ковчег затоа што така сакаме да им испратиме порака на политичарите дека луѓето умираат поради нивната рамнодушност“, рече Мајорга и додаде: „Истите оние политичари кои претходно молчеа поради високата стапка на организиран криминал, молчат и сега кога се соочени со хаотична ситуација поради ковид“.

Градот Хуарез се наоѓа во северната држава Чивава на границата со Соединетите Држави, во округот во кој се кандидира Мајорга и е еден од деловите на Мексико најпогодени од криминал.

Илјадници кандидати за пратеници, гувернери и градоначалници веќе ја започнале кампањата за изборите што ќе се одржат во јуни. За сериозноста на ситуацијата за која предупредува Мајорга, говорат и податоците според кои досега во кампањата загинале 16 кандидати.