Владата ја објави листата на хонорарците кои беа тајни и за кои се пишуваше  изминатите деновие дека ја чинат државата милиони евра. Од владата уште тогаш викаа дека нема ништо тајно, но зошто толку чекање да се објави списокот е нејасно.

На списокот може да се видат имиња како Владимир Цветковиќ кого го снема претходно од листата на советници на премиерот Заев откако се отвори дебата за српските советници, но и Петрит Сараќини, кој беше дел од Шарената револуција и претходно вработен во министерство за култура. На листата го има и Ванчo Узунов, поранешен потпретседател на СДСМ, но може да се сретнe и името на Доријан Миловановиќ

Сумите за кои се ангажирани лицата се различни но повеќето варираат од 30.000 до 42.000 денари.

Целосната листа може да ја видите на следниот ЛИНК

Спроред владата ова се лица кои се тековно ангажирани преку авторски договори за специфични задачи кои не може да се обезбедат од редот на вработените, а се објавува откако претходно се извршени консултации со Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за модалитетот за заштита на личните податоци на соработниците опфатени со овие ангажмани.

Согласно заложбата на Владата за отвореност, транспарентност и достапност на сите информации од интерес на јавноста, објавувањето на оваа листа потврдува дека нема тајни хонорарци, ниту се анонимни, ниту тајно ангажирани. Точно се знае за што Владата ангажира физички лица надвор од редот на вработените, за кој временски период, за колкав финансиски надомест. Тие ангажмани се строго професионални и се реализираат во целост, велат од Владата.

Во соопштението се додава дека внимателноста со која Владата постапи во овој случај, со вклучување на дополнителни консултации пред објавувањето на листата хонорарни соработници, беше мотивирана исклучително заради заштитата на интегритетот и приватноста на ангажираните лица.

– Во минатото сведочевме голем број организирани напади полни дезинформации, а дури и сега во конкретниот случај, сведочиме хајки преку одделни веб-портали и медиуми и на социјалните мрежи на лична основа и со обиди за загрозување на приватноста на граѓаните кои имаат чисти професионални договори за извршување задачи за Владата за поддршка на активностите кои се од интерес на граѓаните, стои во соопштението.

Тие велат дека упатиле јасна порака дека Владата и институциите ќе ги искористат сите институционални механизми кои се на располагање да ги заштитат професионално ангажираните лица од јавен линч, нарушување приватност, говор на омраза или повици за насилство.

– Уште еднаш категорично ги отфрламе сите дезинформации дека наводно исти лица биле вработени во Владата и во исто време добивале хонорар. Тоа не е точно бидејќи е недозволиво вработени во Владата да бидат и хонорарно ангажирани од Владата, велат оттаму.

Ги отфрлаат и како неточни и информациите дека станува збор за луѓе кои биле платени да споделуваат постови на „Фејсбук“ или „Твитер.“

– Тоа е лага измислена и раширена токму од оние центри кои користат „ботовски” системи за ширење лажни вести, а Владата е противник на таквото нечесно манипулирање со граѓаните, велат тие.