Во 2021 година темите како демони, духови и егзорцизми не се баш на врвот на агендата, но во Русија теолошката комисија на Православната црква подготвува нов предлог за регулирање на славниот древен обред, пренесува РТ.

Егзорцизмот, вообичаен во одредени гранки на христијанската вера, е средство за наводно истерување демони за кои се вели дека поседуваат некоја личност. Тоа одамна е практика во источната Православна црква, па дури е и дел од најчесто користениот молитвеник „Евхологија“. Текстот вклучува ритуал на истерување демони од свети Василиј Велики, една од највлијателните личности во црквата.

Според митрополитот волоколамски Иларион од Руската православна црква, практиката на егзорцизам во моментот не постои во сите цркви, а новиот документ ќе претстави предлози за негова унификација и регулирање.

„До неговото објавување не можам да ја соопштам неговата содржина“, рече митрополитот.

Ова не е првпат Иларион, кој работи и како раководител на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, да зборува за егзорцизам. Во декември минатата година митрополитот побара верниците да се воздржат од извршување обреди на егзорцизам истакнувајќи дека церемонијата може да ја спроведе само обучен свештеник.

Неговото барање следуваше по објавувањето видео од Гушевка, во близина на Волгоград, каде што селаните истерувале демони од 10-годишно дете.

Егзорцизмите исто така се најдоа и во вестите годинава, а полицијата во Санкт Петербург отвори кривична постапка во врска со смртта на едно петгодишно момче. Според ТВ-каналот „360“, момчето било убиено од неговата мајка, која верувала дека нејзиниот син е опседнат од демони и извела обред на егзорцизам.

makfax.com.mk