Сиљановска од Карбинци: Дискриминацијата, скриената економија и непочитувањето на работничките права мора да запре

19.04.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Сиљановска од Карбинци: Дискриминацијата, скриената економија и непочитувањето на работничките права мора да запре

Кандидатот за претседател, Проф. Д-р Гордана Сиљановска Давкова се сретна граѓаните во Општина Карбинци. Таа им порача дека во индустријата за производство на облека, трудот вреди 60 проценти од вкупната цена на производството.

„Нашите текстилни производители со цел да се тркаат со Источна Азија во континуитет наоѓаат начин како да ја намалат цената на трудот. Неколку години наназад ова е трка кон дното, во која најмногу страдаат жените и тоа поради родовата поделба на работните места на пазарот на труд. Денес се сретнав со текстилните работнички од Штип. На средбата, тие ми укажаа на дискриминацијата на работното место, на влијанието на минималната плата кое делува како урамниловка. Ми посочија за нефункционирањето на т.н. спирала на покачување на платите на повисоките позиции, односно за оние кои имаат поголемо искуство, знаење или компетенции, за непријавениот труд, за неможноста од синдикално организирање итн. Дискриминацијата, скриената економија и непочитувањето на работничките права мора да запре“, нагласи Сиљановска Давкова.

Таа истакна дека Македонија мора да размислува и делува развојно! Да го искористи капацитетот кој постои, но и да инвестираме во основна индустрија, дизајн и производство на сопствени производи.

„Како Претседателка ќе сторам се да стимулирам вакви развојни процеси. Исто така ќе го побарам и она кое секоја Влада го заборава – а тоа е официјално вклучување на Македонија во Пан-европската асоцијација на дијагонална кумулација на потекло на стоките, што ќе овозможи финалните производи од Македонија да кумулираат потекло и се извезуваат во ЕУ без царини. Тоа ќе обезбеди поголема додадена вредност за нашата економија, поголеми плати и економска интеграција на Македонија во Европската Унија“, рече Сиљановска Давкова.

Со почит

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата