Заев и Анѓушев во Гевгелија: Компаниите да ги искористат можностите од Преспанскиот договор за соработка со грчките партнери

18.04.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Заев и Анѓушев во Гевгелија: Компаниите да ги искористат можностите од Преспанскиот договор за соработка со грчките партнери

Премиерот, Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев по обиколката на системот за водоснабдување на Гевгелија, остварија средба со бизнисмени и деловни луѓе од овој регион.

Како што информираат од владината-прес служба, на средбата станало збор за мерките за поддршка на конкурентноста на домашните компании од Планот за економски раст и за важноста од меѓуграничната соработка помеѓу граѓаните и компаниите од Грција и Северна Македонија.

„Драго ми е што толку многу луѓе од Гевгелија и гевгелискиот регион беа денеска присутни и на средбата заедно со директорот на Царинската Управа на Северна Македонија, Ѓоко Танасоски и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, за да разговараме за она што е актуелна проблематика на деловната заедница, а секако и за перспективите што се отвораат за целата наша земја, и посебно за овој регион. Со Договорот од Преспа се отвораат сериозни перспективи за нашето членство во ЕУ и НАТО што има сериозен и директен импакт за деловната заедница, за бизнисите, за домашното производство и извозот. Во гевгелискиот регион ова треба да биде неколкукратно мултиплицирано затоа што првиот импакт од пријателството со Грција доаѓа токму овде“, изјави премиерот Заев.

Тој нагласи дека на средбата биле презентирани сите можности и перспективи што се отвораат на располагање преку отворање на нови фондови, преку ИПА компонентата и европските фондови.

„Информиравме за сите мерки за поддршка на конкурентноста на компаниите кои оваа година се усовршени. Сакаме да поттикнеме што поголемо нивно користење. Нашата цел е овие определени пари од буџетот да ги искористат бизнисмените и фирмите, малите и средни претпријатија па и поголемите, заради тоа што на тој начин компаниите се стекнуваат можност за повеќе профит, што потоа носи развој на компаниите и раст на платите на вработените, како и отворање на нови работни места и намалување на невработеноста. Трендовите се отпочнати, јас верувам дека ќе бидат се поголеми“, истакна премиерот.

Заев додаде дека финансиската состојба и ликвидноста на државата се одлични и дека компаниите треба да ги користат мерките и можностите што државата ги отвора за нивниот развој.

Вицепремиерот Анѓушев посочи дека поврзувањето на гасоводот ќе даде простор за нови проекти и ќе го намали трошокот на компаниите и граѓаните, а во однос на поддршката на развој на малите и средни претпријатија, вицепремиерот истакна дека ваквите претпријатија имаат централно внимание во економската програма на владата, и тоа преку две можности, од кои едната е преку Законот за финансиска поддршка, а втората преку Фондот за иновации.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата