Противничка на монархијата која стана кралица: Како ЛЕТИЦИЈА и ФЕЛИПЕ ги надминаа препреките

25.02.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Противничка на монархијата која стана кралица: Како ЛЕТИЦИЈА и ФЕЛИПЕ ги надминаа препреките

Првата двојка на Шпанија на 22 мај ќе ја прослави 17. годишнина од бракот, а малку е познато како вредната новинарка со необична животна приказна станала кралица…

Една од жените од кои светот едноставно не може да се засити и секојдневно чита за нејзините зборови, потези или модни комбинации несомнено е кралицата Летиција од Шпанија, сопругата на кралот Фелипе VI.

Кога ја почнале врската многумина биле изненадени и тешко дека некој помислувал дека таа еден ден ќе стане дел од кралското семејство. Добро и била позната на јавноста, како и одредени делови од нејзиниот приватен живот заради што не била типична невеста за кралскиот двор.

Која е Летиција?

Во далечната 2002 година на Шпанците им била позната како Летиција Ортиз Рокасолано, новинарка  која зад себе веќе имала еден брак. Во 1998 година се омажила за писателот и средношколски професор по книжевност Алонсо Герера Перез после една година врска. Но по исто толку време и се разделиле.

Противничка на монархијата?

Постои едно видео од 1996, направено во Мексико, на кое таа на јавна дебата ја критикува монархијата. Видеото настанало додека кусо по студирањето работела во оваа земја. Видеото наводно пред нејзиното мажење за Фелипе било откупено за 6000 евра и денес не може да се пронајде.

Запознавањето со фелипе

Според шпанските медиуми, Фелипе бил тој кој иницирал запознавање: на тогашниот принц и престолонаследник му се допаднала интелигентната и убава новинарка, па го замолил својот пријател Педро Еркиси, познат новинар, да организира вечера. Врската ја почнале после неколку месеци.

Врската во прво време се одвивала во тајност, па за Шпанците бил шок кога на 1 ноември 2003 година принцот од Астурија се свршил со познатата новинарка. Не само што никогаш дотогаш не се случило првиот во линијата за трон да се ожени со жена која нема сина крв, туку Летиција зад себе имала и брак. Кралот Хуан Карлос и кралицата Софија, родителите на Фелипе, застанале зад двојката и ги поддржале.

Брак и семејство

Со оглед на тоа дека за Алонсо Герера Перез не се омажила во црква, туку склопиле само граѓански брак, немало препреку на идниот крал да му се заколне на вечна љубов и пред Бога, па тоа се случило во катедралата Алмудена во Мадрид на 22 мај 2004 година.

Првото дете го добиле во октомври 2005 година, наследничката на престолот принцезата Леонор, а во април 2007 и Софија. Летиција брзо ги освоила Шпанците со новата улога, особено откако во 2014 кралот Хуан Карлос абдицирал во корист на синот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата