Полицијата ги учи основците од Тетово и Гостивар како да се заштитат на социјалните мрежи

15.04.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Полицијата ги учи основците од Тетово и Гостивар како да се заштитат на социјалните мрежи

Секторот за внатрешни работи Тетово денеска почна со практична реализација на превентивно-едукативниот проект „Сурфај, но внимателно споделувај“.

Носител на проектот е Отсекот за превенција во соработка со локалните самоуправи од подрачјето.

Со проектот вкупно ќе бидат опфатени околу 3.500 седмоодделенци од вкупно 215 паралелки, а кои во 92 основни училишта на тетовско-гостиварското подрачје следат настава на македонски, албански и турски јазик.

Стручно обучени полициски службеници, на посебни часови ќе им објаснат на учениците како и на што треба да внимаваат кога споделуваат лични податоци и фотографии на социјалните мрежи, односно како најефикасно да се заштитат од злоупотреби на нивните податоци, фотографии или снимени видео-клипови.

Учениците, исто така, поблиску ќе бидат запознаени и со законските импликации доколку тие  злоупотребуваат лични податоци на други лица.

Проектот е планирано да трае до крајот на идниот месец, а неговата главна цел е учениците да се заштитат од можни злоупотреби на социјалните мрежи.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата