Галетановски: Не сум ја навредувал Сиљановска лично, не е моја вина што секој ден има нов гаф

15.04.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Галетановски: Не сум ја навредувал Сиљановска лично, не е моја вина што секој ден има нов гаф

Ѓорѓи Галетановски, шеф на централниот штаб на претседателскиот кандидат од СДСМ Стево Пендаровски, реагира на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ од каде побараа тој да биде избркан од тимот на Пендаровски, бидејќи на „Фејсбук“ ја навредувал Гордана Сиљановска Давкова, кандидатката за претседател поддржана од опозициската партија.

„Јас не сум шеф на штабот, туку сум одговорен за централниот штаб во Скопје. Лично, со име и со презиме не сум ја навредувал никаде. Гафовите што госпоѓата ги изјавува речиси секојдневно, масовно се споделуваат на социјалните мрежи и тоа не е ништо страшно, но еве, доколку ја навредило тоа од мене, ѝ се извинувам. Сепак, таа се кандидира за претседател на државата и се очекува да биде поконцентрирана и подецидна во говорот“, вели Галетановски.

Опозициската партија го обвини Галетановски за статус на социјалната мрежа „Фејсбук“ со тврдење дека тој споделил видео од Сиљановска, а потоа искоментирал дека треба да се лечи во „Бардовци“.

„Со ваквите коментари се омаловажува Сиљановска и се дискредитира нејзината личност. Стево Пендаровски, пак, на телевизискиот дуел со Гордана Сиљановска-Давкова негираше дека кој било од неговиот тим ја навредувал Сиљановска, очигледно играјќи на краткото паметење и притоа ветувајќи дека доколку му се дадат докази за навреда кон Сиљановска од кој било од неговиот тим, тој веднаш ќе го избрка тој лик од тимот“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата